• недела, 19 мај 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

12 април 2024

 - САД очекуваат Северна Македонија да го одржи духот на Договорот од Преспа, а јавниот дискурс да биде базиран на факти, соопштија од Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски јазик.

Пред претстојните претседателски и парламентарни избори во државата, медиумите во Грција пишуваат дека Атина одблизу ги следи политичките изјави поврзани со Преспанскиот договор и употребата на името Македонија во изборната кампања на некои кандидати.

- Исто како што САД остануваат посветени на Договорот од Преспа, ние очекуваме Северна Македонија да го одржи овој дух и јавниот дискурс да остане базиран на факти и вкоренет во посветеноста на иднината на Северна Македонија во ЕУ, одговори портпарол на Стејт департментот, на прашањето дали САД се загрижени за можно поткопување на Договорот од Преспа.

Претседателот на САД Џо Бајден, во 2021 година потпиша извршна наредба, со која се предвиде замрзнување на имот и забрана за влез во САД на лица кои работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор.

-  Претседателските кандидати, денеска, на деветтиот ден од предизборната кампања, продолжуваат со претставување на своите програми на митинзи и средби  во повеќе региони во државата. 

Тимот на кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата најави активности во Дебар, Гостивар и Тетово, додека претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски ќе се претстави во скопските општини Илинден, Петровец, Карпош, како и во Центар, каде ќе има централен митинг.

Претседателската кандидатка на Левица Билјана Ванковска ќе има средби во Македонска Kаменица и Делчево, а кандидатот на Движењето ЗНАМ  во Демир Капија, Неготино и Росоман, како и митинг во Кавадарци. Кандидат за претседател на коалицијата Вреди Арбен Таравари и претседателот на Движењето Беса, Билал Касами, пак, најавија средба со Албанската академија на науките и уметност во Тетово. 

- Синоќа околу 22 часот и 45 минути на булеварот „Илинден“ во Тетово се пукало од огнено оружје, за што жител на градот пријавил дека е пукано кон неговата куќа. Засега од СВР Тетово немаат информации за повредени луѓе.

-Во 22.45 часот М. Т. од Тетово во СВР Тетово пријавил дека од страна на непознато лице е пукано со огнено оружје од возило во движење во неговата куќа во Тетово. До сега нема пријава за повредени лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, информира СВР Тетово.

По пукањето полицијата со ленти го блокираше движењето за возила по делот од булеварот каде се пукало по што е почнат увид.

- Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 9, а максималната ќе достигне од 23 до 29 степени.

Од УХМР соопштија дека во Скопје времето ќе биде сончево и топло со слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 28 степени.

Во наредните денови, до почетокот на следната седмица ќе се задржи сончево и топло време со мала до умерена локална облачност. Од среда се очекува значителна промена на временската состојба, проследена со зголемена облачност, врнежи од дожд, локална појава на грмежи, засилен ветер и опаѓање на температурата.

 - Членките на Советот за безбедност на ОН синоќа не успеаја да се договорат за барањето на Палестина за полноправно членство во светската организација, изјави амбасадорот на Малта, земјата која во април претседава со Советот за безбедност, пренесе Бета.

-Немаше консензус за прием на палестинска држава, рече Ванеса Фрејзиер по состанокот зад затворени врати.

Сепак, недостатокот на консензус не ја спречува земјата-членка да го поднесе прашањето до Советот за безбедност на гласање.

Советот за безбедност на ОН одлучи да одговори на барањето на Палестина за полноправно членство во Обединетите нации до крајот на април, изјави претходно Фрејзер, што палестинските власти го опишаа како „историско“, а Израел остро го осуди.

- САД им забранија на своите вработени во Израел и на членовите на нивните семејства да патуваат надвор од поголемите области на Тел Авив, Ерусалим и Бер Шева, поради потенцијален ирански одмазднички напад врз Израел по смртта на командантот на Револуционерната гарда во Сирија, соопштија денеска од американската Амбасада во Израел.

„Поради голема претпазливост, на вработените во американската Влада и на членовите на нивните семејства им е забрането приватно патување надвор од пошироката област Тел Авив, Ерусалим и Бир Шева до натамошно известување“, се наведува во соопштението на Амбасадата.

Британските медиуми пренесуваат дека во соопштението се додава дека персоналот на американската Влада е овластен да се движи меѓу трите области заради приватни патувања.

– Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој телефонски разговараше со своите колеги од Кина, Турција и Саудиска Арабија, ги повика да извршат притисок врз Иран за да го одвратат од каков било напад врз Израел, соопшти Стејт департментот.

- Ескалација во регионот не е во ничиј интерес и сите земји треба да го охрабрат Иран да не ескалира, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

Блинкен телефонски разговараше и со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант за да ја повтори цврстата поддршка за Израел наспроти тие закани, додаде Милер.

Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер рече дека Вашингтон го предупредил Иран за потенцијални напади врз Израел.

Американскиот претседател Џо Бајден вчера изјави дека неговата поддршка за Израел е „непоколеблива“ пред иранската закана за одмазда по нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск, Сирија, што Иран му го припишува на Израел.

– САД очекуваат ирански напад врз Израел, но таков што нема да биде доволно голем за да го вовлече Вашингтон во војна, изјави доцна синоќа американски претставник. 

Белата куќа претходно соопшти дека Вашингтон не сака ескалација на конфликтот на Блискиот исток и дека САД му кажале на Иран дека не биле вклучени во воздушниот напад врз иранскиот воен командант во Дамаск.

Белата куќа соопшти дека го предупредила Иран да не го користи нападот како изговор за натамошна ескалација во регионот. 

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант вчера изјави дека Израел директно ќе одговори на секој ирански напад. 

– Иран му сигнализираше на Вашингтон дека ќе одговори на израелскиот напад врз неговата амбасада во Дамаск на начин што ќе избегне ескалација и нема да дејствува набрзина.

Пораката на Иран на САД им ја пренесе министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан за време на посетата на Оман во неделата.

Оман честопати дејствуваше како посредник меѓу двете непријателски земји.

Белата куќа не сакаше да коментира дали добила пораки од Иран, но соопшти дека САД го известиле Техеран дека не се вклучени во нападот на амбасадата во Дамаск.

– Рускиот претседател Владимир Путин ја критикуваше меѓународната мировна конференција на високо ниво за Украина, планирана за јуни во Швајцарија, пренесе ДПА.

Русија нема да биде поканета на конференцијата, но во исто време ќе биде јасно дека ништо не може да се реши без Москва, изјави Путин на вчерашната средба со белорускиот лидер Александар Лукашенко.

- И бидејќи не одиме таму, луѓето сега велат дека одбиваме да преговараме. Ова е вистински паноптикон, рече Путин.

Руската амбасада во Берн во средата соопшти дека Русија не е поканета, но нема да учествува на состанокот дури и ако биде поканета.

Според Путин, Украина „самата се ставила ќош“ со прекинување на преговорите пред две години, набргу по почетокот на војната.

– Нивото на водата во реката Урал во Оренбург во текот на ноќта надмина 11 метри и достигна 1.120 сантиметри, изјави првиот заменик градоначалник Алексеј Кудинов.

Кудинов рече дека во Оренбург во текот на ноќта се поплавени уште 361 куќа и 900 приватни парцели, како и дека се евакуирани уште 99 жители, со што бројот на привремени сместувања се искачи на 165. Тој изјави дека денеска се очекува врв на поплавниот бран, по што ќе се намали нивото на Урал.

Нивото на водата во селото Каминское во руската Курганска област, на границата со Казахстан, во текот на ноќта порасна за 140 сантиметри, поради што се евакуираат жителите, изјави началникот на регионот Вадим Шумков.

- Русија испрати систем за противвоздушна одбрана и 100 воени инстрктори во Нигер, во Западна Африка, јави ДПА.

Воениот персонал од руското Министерство за одбрана треба да го инсталира системот и да ги обучи војниците на Нигер за неговата употреба, јави нигериската државна телевизија РТН (RTN) доцна синоќа.

На овој потег му претходеше телефонски разговор меѓу шефот на воената хунта Абдурахамане Тчиани и рускиот претседател Владимир Путин, на крајот на март, додава германската агенција. Двајцата разговараа за „зајакнување на меѓусекторската и сеопфатна стратешка соработка меѓу Нигер и Русија за справување со актуелните закани, особено на безбедносното поле“.

– Францускиот претседател Емануел Макрон ја повика француската одбранбена индустрија трајно да го зголеми производството на оружје во услови на војна во Украина.

- Мораме трајно да се подготвиме за геополитичка и геостратешка промена во која одбранбената индустрија ќе игра растечка улога, рече Макрон поставувајќи камен-темелник за нова фабрика за експлозивен прав за компанијата Еуренко во југозападниот град Бержерак.

- Потребна е воена економија за да може Украина да биде снабдена со оружје за да се одбие руската инвазија, како и за нашата одбрана, рече тој и додаде дека „оваа динамика почна во Европа и светот‘.

– Оваа економија исто така е во наша корист, рече Макрон.

 – „Во фудбалот има проблеми“, изјави претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, повикувајќи на единство во борбата против расизмот и насилството.

Првиот човек на ФИФА во обраќањето на Конгресот на Јужноамериканската фудбалска конфедерација (Конмебол) во Асунсион нагласи дека „мораме да бидеме обединети против расизмот и насилството што постојат во светот“.

„Мора да бидеме обединети во борбата против расизмот. Винисиус и другите играчи страдаат од тоа. Нападите против нив немаат причина да постојат. Мора да бидеме обединети против насилството што постои во светот“, изјави Инфантино.

„Мораме да дејствуваме со влади, тимови, играчи. Одењето на стадион мора да биде празник“, додаде првиот човек на ФИФА.

– Руската атлетичарка Екатерина Поистогова - Гулиев (33) е суспендирана на две години и ќе ѝ биде одземен сребрениот медал освоен во трката на 800 метри на Олимписките игри во Лондон во 2012 година, соопшти Атлетското тело за интегритет (АИУ).

Поистогова - Гулиев беше суспендирана на две години од март 2023 година поради користење забранета супстанца, а воедно и беа дисквалификувани сите резултати во периодот од 17 јули 2012 до 20 октомври 2014 година.

Натпреварувајќи се како Екатерина Поистогова, таа заврши на третото место во олимпиското финале на 800 метри, но подоцна беше наградена со сребро бидејќи руската победничка Марија Савинова, исто така, беше прогласена за виновна за прекршување на допинг.

Остани поврзан