МИА Општински пул
- 10 септември 2024
10 септември 2024
Куманово - Куманово ќе аплицира со проект за инфраструктурно доуредување на индустриската зона Речица, на владиниот повик за развој на општините, соопштија денеска од Одделението за комунални дејности.
- Намерата е да аплицираме за уредување на зоната каде веќе функционираат неколку капацитети, домашни и странски компании, изјави раководителката на Одделението за комунални дејности, Лидија Ланг Спасовска. Зоната се наоѓа на атрактивна локација во непосредна близина на автопатот „Пријателство“ Е-75 кон Табановце, (во близина на село Речица) на само пет километри од српската граница и е во близина на двата коридори 8 и 10. Таа е урбанистички уредена за лесна и незагадувачка индустрија, трговски единици, сместувачки капацитети, сервиси и стоваришта. Општината преку Секторот за урбанизам - Одделение за управување и документирање со градежно земјиште континуирано работи во делот на продажба на градежно неизградено земјиште сопственост на државата, по пат на јавно електронско наддавање.
Скопје - Општина Илинден интензивно работи на подобрување на патната инфраструктура. Деновиве се асфалтираше на спојот на улиците „10“ и улица „1“ во локалната економска зона Ограѓе, во населба Илинден.
-Станува збор за доста важен дел од овие две улици, затоа што е од големо значење за функционалноста на стопанските субјекти кои се наоѓаат во овој дел на локалната економска зона Ограѓе, како и за растеретување на утринскиот сообраќаен метеж кај новото подрачно основно училиште „Гоце Делчев“ во населба Илинден, каде од сега ќе може да се користи како алтернативен пристап до училиштето, информираат од Општина Илинден.
Куманово - Над 120 деца се запишани во осумте објекти на кумановската градинка „Ангел Шајче“, а воспитно-образовен процес следат околу 1.700, соопштија денеска надлежните од установата. На листа на чекање се околу 400-тини деца.
- Новозапишани се 124 деца, од вкупно 1.691 дете. На листата на чекање има над 420 деца, на кои градинката не може да им излезе во пресрет. Првиот проектиран капацитет е 1.174, со проширувањето изнесува 1.550, но, сепак капацитетите не ги задоволуваат потребите на граѓаните за нашата услуга во општина Куманово, изјави директорката Марина Алексовска.
Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје од 2 септември до 8 септември годинава со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 91 непрописно паркирано возило поради попречување на нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
Од ЈП ПОЦ и Општина Центар информираат дека континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка со цел да се доведе во ред сообраќајниот хаос и проблемот со непрописното паркирање на комерцијалните и резидентните паркиралишта и улици на територија на Општина Центар.
Струмица - Mанифестацијата „100 илјади поети за промена“, во соработка со здружението „Контекст-Струмица“, распиша поетски конкурс за годинешното издание на Фестивалот. Поезијата, со која ќе може да конкурираат автори од сите генерации, треба да биде социјално ангажирана и да разработува теми кои се поврзани со промените, глобално, но и локално.
На конкурсот секој автор може да учествува со по една песна. Песните треба да се испраќаат на фејсбук профилот на оваа манифестација или на poetizapromena@gmail.com најдоцна до 15 септември 2024 година, по што ќе бидат разгледани од комисијата којашто ја одредува организацискиот одбор на манифестацијата и здружението и потоа селектираните автори ќе бидат застапени во зборникот „100 Илјади поети за промена“ – Македонија, кој ќе биде издаден како дел од оваа манифестација.
Куманово - Општина Старо Нагоричане одвои по три илјади денари за првоодделенците кои тргнаа на училиште во оваа учебна година, соопштија денеска надлежните од општината.
- До крајот на неделава очекуваме целосно да заврши исплатата на паричните средства. Како доаѓаат родителите со потребната документација, така се исплаќа и помошта. И лани и годинава ги поддржуваме учениците, изјави заменик-градоначалникот на општината, Бобан Цветановски.
Скопје - Водата во Скопје е безбедна и микробиолошки исправна, соопшти денеска Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје.
Според неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола, направени од 2 до 6 септември годинава, сите анализирани примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.
Струга - Општина Струга е дел едукативната кампањата „Мојот данок, за мојата општина!“ во партнерство со Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите.
Целта на кампањата, како што соопшти Општина Струга, е да ја информира јавноста дека плаќањето данок на имот е должност на секој граѓанин-даночен обврзник, но во исто време и придонес на поединецот за градење на подобра иднината на општината.
Гостивар - По случајот кој го привлече вниманието на жителите во гостиварско дека се приведени неколку лица кои изведувале градежни работи во близина на црковен објект, од Јавното обвинителство информираат дека не издале наредба за приведување или задржување лица. Од обвинителство посочуваат дека станува збор за невистинити информации кои се споделуваат на социјалните мрежи и биле преземени од повеќе медиуми. Од МВР најавија соопштение за појаснување на настанот и нивното делување.
Во соопштението од Основното јавно обвинителство Гостивар се наведува дека биле известено од надлежните дека МВР постапува во конкретниот случај по поднесена пријава од Општина Врапчиште за недозволено вршење градежни работи во непосредна близина на магистрален пат.
Струмица - Лицето Д.С. (45) жител од село Долно Лакочереј синоќа околу 2 часот по полноќ влегол во продажен објект во село Ново Село со намера да изврши разбојништво при што со пиштол пукал во сопружниците Б.М (48) и М.М. (46), соопштија денеска од СВР Струмица.
Според информацијата од полицијата, разбојникот бил, фатен на местото на настанот и бил задржан во Полициската станица во Струмица. - Повредените биле пренесени во Медицински центар Струмица. Известен е јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. Увид на местото на настанот извршила екипа на СВР Струмица, при што биле пронајден пиштолот и чаури, стои во информацијата од СВР Струмица.