МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
4 ноември 2024
Скопје - Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска ќе ги додели стипендиите „Борис Трајковски“ за академската 2024/2025 година на 20 најдобри студенти кои своето образование ќе го продолжат на „Сити колеџ“, Европскиот кампус на Универзитетот Јорк.
-Стипендиите се резултат на заедничката активност и соработка на Претседателот, Министерството за образование и наука, Фондацијата „Борис Трајковски“ и „Сити колеџ“, Европскиот кампус на Универзитетот Јорк, соопшти Кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Министерството за образование и наука во август го распиша Конкурсот за доделување на стипендиите „Борис Трајковски“ за вонредни двегодишни студии од втор циклус за Паневропската извршна МБА-програма за академската 2024/2025 година.
Скопје - Во Владата денеска ќе се одржи дебата за мерките и политиките во здравството, социјалната политика, демографијата и младите, со учество на ресорните министри и директори на надлежните институции.
На Платформа 5: 100% посветени за тебе на тема „Мерки и политики за унапредување на здравството, социјалната политика, демографијата и младите“ ќе се обратат министрите за здравство, Арбен Таравари, и за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, како и директорите на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски и на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување Никола Мемов
Скопје - Утврдување на предлог - одлуката за избор на членови на Државната изборна комисија и на предлозите за избор на членови на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, се на дневниот ред на денешната седница на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.
Пред пратениците - членови на оваа Комисија на оваа седница е и проверката на кандидатурите доставени по Одлуката за објавување на Јавен конкурс за именување на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 207/2024).
Скопје – Две работилници, видео прилог на тема „Новинарите и вештачката интелигенција“ и годишен состанок на Мрежата за медиумска писменост, се активностите со кои денеска ќе бидат затворени Денови на медиумска писменост 2024, кои годинава се одржуваа под мотото „Твојата свесност е најважниот филтер“.
Во Хотел Арка со почеток во 10 часот ќе се одржи работилница на тема „Препознавање и одговор на говорот на омраза“, организирана од Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и ОБСЕ.
Потоа, од 12 часот, Радио МОФ ќе организира видео прилог на тема „Новинарите и вештачката интелигенција“, кој ќе се одржи онлајн.
Во исто време, од 12:30 до 14:30 часот, во Младинскиот центар во Пробиштип ќе се одржи работилница на тема „Лице в лице: Кокреираме приказни“, организирана од Лице в лице и ГРИГ.
Скопје - Есенските култури да се залеваат за да не претрпат штети од ниските зимски температури поради недоволно врнежи, велат агрометеоролозите. Тие препорачуваат и полевање на зеленчуковите насади, бидејќи, како што објаснуваат, може да дојде до засушување во раните етапи од развојот.
Останува препораката да се применуваат правилни агротехнички мерки: наводнување, обезбедување на потребните количества хранливи материи за поголема отпорност кон зимски мразеви, примена на сертифициран семенски материјал со добри квалитетни сортни карактеристики и добра здравствена состојба, употреба на квалитетно ѓубриво,...
Битола - Во Битола денеска се слави 4-ти Ноември, денот кога пред 80 години градот беше ослободен од фашистичкиот окупатор.
Како што е познато, на денешен ден во 1944 година, борците на 49-тата дивизија на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија во чии состав биле и борците на Седмата битолска бригада, победоносно марширале низ Битола, откако го ослободиле градот од окупаторот. За време на Втората светска војна, околу 270 борци од Битола и Битолско ги положиле животите за слободата на градот и според востановената традиција, претпладнево на Партизанските гробишта ќе биде положено цвеќе.
Истанбул – Тројца градоначалници од Народната партија за еднаквост и демократија, главната турска прокурдска партија, се сменети од функциите затоа што биле обвинети за тероризам, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.
Градоначалниците на Мардин, Батман и Хелфети, во југоисточниот дел на Турција, претежно населен со Курди, се сменети со гувернери назначени од државата, се вели во соопштението.
Градоначалникот на Мардин, Ахмет Турк (82), популарна личност во курдското движење, претходно беше сменет од функцијата и во претходните мандати помина неколку месеци во затвор. Турската влада го обвинува за врски со борците од Работничката партија на Курдистан (ПКК), која е означена како терористичка организација.
Брисел – Во Европскиот парламент денеска започнува постапката на сослушување на кандидатите за еврокомесари пред членовите на ресорните парламентарни комитети.
За време на сослушувањата кандидатите за еврокомесари треба да ги убедат европратениците дека имаат доволно квалификации и знаење да раководат се ресорите за кои се номинирани, како и да ги извршуваат должностите како членови на Колеџот на комесари на Европската комисија.
Во првите четири дена од сослушувањата, од денеска до четврток, ќе бидат сослушани 20-те номинирани еврокомесари, а за следниот понеделник (12 ноември) е предвиден „распит“ на петмината кандидати за потпретседатели на Европската комисија и за висока претставничка за надворешна политика и безбедност Каја Калас.
Париз - На осум лица кои наводно му помогнале на сторителот во бруталното убиство на професорот по историја Самуел Пати денеска ќе им се суди пред парискиот суд, четири години по инцидентот.
Злосторството, класифицирано како терористички акт мотивиран од исламисти, ја шокираше Франција и предизвика меѓународен гнев.
Во октомври 2020 година, осомничениот, 18-годишник со руско-чеченско потекло, го убил и обезглавил 47-годишниот Пати во предградие на Париз. Француските безбедносни сили потоа го застрелале и го убиле напаѓачот.
Пред убиството, наставникот по историја бил цел на интернет бидејќи прикажувал карикатури на пророкот Мухамед за време на час на тема слобода на изразување.
Тел Авив - Израелската војска приведе ирански шпион за време на операцијата на специјалните сили во Сирија што се одржа во последните месеци, се вели во соопштението на израелските одбранбени сили (ИДФ).
Армијата уапсила сириски државјанин во областа Саид во северна Сирија и го донела во Израел на сослушување, објави ИДФ.
Тој беше опишан како „оперативец на иранската терористичка мрежа“. Мажот беше обвинет дека собирал разузнавачки информации за израелската армија во пограничната област „за идните терористички активности на мрежата“. Неговото апсење наводно го спречило нападот.
Тел Авив - Иран подготвува напад врз Израел користејќи помоќни боеви глави и „други оружја“ што не беа користени во претходните два напади, изјавија за „Волстрит журнал“ ирански и арапски претставници.
Египетски функционер за американскиот весник изјави дека Техеран приватно го предупредил Каиро дека неговиот одговор на израелските воздушни напади на негова територија на 26 октомври, како одмазда за нападот со балистичка ракета на Исламската Република на 1 октомври, ќе биде „силен и сложен“.
Ирански официјален претставник изјави дека има потреба од одговор, бидејќи војската во нападот изгубила четворица војници.
Тел Авив - Израел ги информираше Обединетите нации дека Договорот од 1967 година за признавање на Агенцијата на ОН за помош и работа на палестинските бегалци (UNRWA) е неважечки, објавика британските медиуми.
Израелскиот парламент (Кнесет) пред седум дена одобри закон со кој се забранува работата на агенцијата на ОН во Израел поради обвинувањата дека има блиски врски со членовите на Хамас и дека некои од 13.000 вработени на УНРВА во Газа учествувале во нападите на Хамас на 7 октомври 2023 година војната.
Дополнително, откриена е операција на иранските терористички мрежи во близина на Голанската висорамнина.
Кишињев – Претседателката на Молдавија, Маја Санду, освои втор мандат, соопшти изборната комисија на земјата.
Со повеќе од 98 отсто преброени гласови од вториот круг на изборите за претседател што се одржа вчера, Санду обезбеди околу 54 отсто од гласовите, според прелиминарните резултати на комисијата.
- Молдавија, денес вие сте победници. Заедно, ја покажавме силата на нашето единство, демократија и посветеност на достоинствена иднина, напиша Санду на Х доцна синоќа.
Ривалот на Санду, поранешниот јавен обвинител Александр Стојаногло, кој се сметаше за проруски кандидат, освои околу 45 отсто од гласовите.
Берлин – Ние сме на страната на Молдавија, напиша германскиот канцелар Олаф Шолц во честитката до Маја Санду за нејзината победа на изборите за претседател на Молдавија.
- Санду успешно ја водеше Молдавија низ тешки времиња и ја постави на европскиот пат. Ние сме на страната на Молдавија, напиша Шолц откако Санду прогласи победа на вчерашните претседателски избори.
Претседателката на Молдавија, Маја Санду, освои втор мандат, соопшти изборната комисија на земјата.
Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски со објава на социјалните мрежи и честиташе на неговата колешка од Молдавија Маја Санду за изборната победа, јавија британските медиуми.
„Молдавците направија јасен избор - тие го избраа патот кон економски раст и социјална стабилност“, напиша тој откако Санду, прозападниот лидер на Молдавија, прогласи победа на вчерашното гласање.
„Докажавме дека обединети можеме да надвладееме над оние кои сакаат да не скршат“, изјави Санду по победата, пренесе Блумберг.
Изданието забележува дека победата на Санду ја зајакнува нејзината посветеност да ја интегрира Молдавија во Европската унија до крајот на деценијата.
Киев - Русија синоќа изврши нов напад врз центарот на Харков, вториот по големина украински град, при што се повредени најмалку пет лица, изјави гувернерот на областа Харков, Олех Синјехубов. Руска наведувана бомба паднала врз супермаркет во центарот на Харков, кој се наоѓа во градски кварт полн со високи станбени згради. Пред нападот на супермаркетот, руските сили извршија напади и врз Харков, погодувајќи ги помалку населените области.
Синјехубов изјави и дека руската армија удрила станбена зграда во Кившаривка, мал град источно од Харков. Во тој напад е повредено едно лице, но се стравува дека многу луѓе се заробени во урнатините. Гувернерот на регионот Харков додаде дека континуираното гранатирање од руска страна создава дополнителен проблем за спасувачките сили на теренот.
Киев – Украинската армија собори 50 дронови со кои Русите ја нападнаа Украина во последните 12 часа, соопшти военото воздухопловство на Телеграм.
- Од 19 часот во неделата, на 3 ноември, руските војници го нападнаа регионот Дњепропетровск со балистичка ракета „Искандер-М“, а подрачјето за лансирање беше Ростовската област, а исто така го погодија и регионот Харков со наведувани авионски бомби и лансираа 80 нападни дронови и беспилотни летала Шахед, пренесува Укринформ.
Воздушниот напад бил одбиен од украински противвоздушни ракетни трупи, авијацијата, единици за електронско војување, мобилни огнени групи на воздухопловните сили и одбранбените сили на Украина.
Џакарта - Индонезија и Русија денеска ги започнаа своите први заеднички поморски вежби, додека претседателот на архипелагот на Југоисточна Азија се обидува да ја зајакне улогата на Џакарта на светската сцена.
Петдневните вежби ќе се одржат во две фази во Источна Јава, каде Русија треба да испрати три корвети, танкер, воен хеликоптер и руморкер.
Како што пренесуваат локалните медиуми во Индонезија, руските бродови вчера биле пречекани со фамфари во пристаништето Субраја, на еден ден пред почетокот на вежбите.
Џакарта – Планината Левотоби Лаки-Лаки, активен вулкан на источниот индонезиски остров Флорес, еруптираше рано утрово, при што загинаа најмалку девет лица, соопштија локалните власти.
Ави Мангота Халан, шеф на одделот за итна реакција и логистика за округот Источен Флорес, изјави дека спасувачките тимови сè уште трагаат по потенцијални жртви заробени под остатоците на урнати домови.
- Сè уште вршиме проценки и може да има повеќе жртви, изјави Халан за ДПА.
Ерупцијата предизвика паника меѓу жителите на околните села, при што многумина ги напуштија своите домови додека паѓал пепел и остатоци.
Напорите за одговор при итни случаи се во тек, а владата прогласи вонредна состојба во погодените области до 31 декември, соопшти Халан.
Вашингтон - Ќе направам се што е во моја моќ да ја прекинам војната во Газа, рече потпретседателката на САД и демократска кандидатка за претстојните претседателски избори Камала Харис на митингот на Државниот универзитет во Мичиген во Ист Лансинг.
Како што јави Би-Би-Си, оваа порака не случајно била испратена во Мичиген, кој има најголемо арапско-американско население во САД.
Доналд Трамп во петокот водеше кампања во најголемиот град со арапско мнозинство - Дирборн. Со пораки тој го искористи гневот на дел од арапско-американското население, критикувајќи го начинот на кој демократите се справуваат со конфликтот на Блискиот исток и финансиската поддршка за Израел.
Вашингтон – Луѓето околу Трамп тврдат дека поранешниот претседател ќе освои шест од седумте клучни држави, јави Би-Би-Си додавајќи дека тоа можеби е причината зошто Харис одржува митинзи таму каде што Трамп обично не победува.
Трамп во петокот одржа митинг во Вирџинија, држава каде што загуби со голема разлика во 2016 и 2020 година. Неговиот потпретседателски кандидат Џеј-Ди Венс вчера застана во Њу Хемпшир, држава за која советниците на Трамп велат дека е „во игра“ и покрај фактот што анкетите покажуваат дека Камала Харис таму води со неколку процентни поени.
Најновата анкета на Њујорк Тајмс сугерира дека станува збор за мртва трка. Речиси секоја т.н Свинг државата е во рамките на маргината на грешка, а новата анкета во Ајова, каде Трамп победи во 2016 и 2020 година, покажува дека Харис таму можеби има неочекувано водство.
Сиднеј – Австралија го укина системот за сателитска комуникација што се развива за војската, соопшти денеска владата, пренесе ДПА.
На Локхед Мартин Австралија минатата година му беше доделен тендерот за изградба на сателитски комуникациски систем за геостационарна орбита на Земјата (GEO) во сопственост и управуван од одбраната.
Кога тендерот беше доделен, владата соопшти дека станува збор за проект од „повеќе милијарди долари“ кој ќе го испорача првиот австралиски сателитски комуникациски систем над регионите на Индо-Пацифичкиот океан.
Сепак, австралиското Министерство за одбрана соопшти дека „забрзувањето на вселенските технологии и заканите кои се развиваат во вселената“ значат дека еден сателитски комуникациски систем базиран на ГЕО во една орбита повеќе нема да ги исполнува стратешките приоритети.