• понеделник, 04 ноември 2024
МИА Флеш

4 февруари 2024 

Скопје - Почина Оливера Николова, една од најплодните и најзначајни македонски писателки. Таа е родена во 1936 година, во Скопје. Учела во Струга и Велес, а завршила Филозофски факултет во Скопје. Работела како драматург на радио и телевизија. Таа е член на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година.

Попознати нејзини дела за деца се:  „Зоки Поки“, „Земја во која не се стигнува“ (Награда на РТВ и Струшки вечери,1966), „Пријателите Бон и Бона“ (Награда на РТВ и Струшки вечери,1975), „Мојот звук“ (Награда 'Младо поколење',1978), „Девојките на Марко“, „Љубоболки“, „Шифри на каменот“, „Преминот не е осветлен“, „Светлосна година“, и други. За специјални постигнувања во современиот израз на литературата за млади, во 1983 година ја добила Змаевата награда, а во 2024 година од Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, е одликувана со Орден за заслуги во културата.

Скопје - Поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан изрази сочувство до српскиот патријарх г.г. Порфириј и до семејствата на настраданите во несреќата во Нови Сад. 

- Со голема тага ја примивме жалната вест за несреќата што се случи на 01.11.2024 г. на железничката станица во Нови Сад, каде што по ненадејното рушење на натстрешницата животот трагично го загубија 14 лица, меѓу кои и македонски државјанин, а уште неколкумина беа повредени. Во овие траорни моменти за Вас и за цела Србија, дозволете ми од Свое име, од името на сета полнота на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и од братскиот македонски народ, да го изразам нашето длабоко сочувство до Вас и до семејствата на трагично постраданите, како и нашето искрено сострадување со сиот српскиот народ.

Скопје - Нема логика да се организираат предвремени парламентарни избори кога има стабилна влада, а оваа Влада е најстабилна од 90-тите години до сега и има мнозинство од 78 пратеници, кое наскоро ќе надмине и 80, оцени денеска првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити.

-Од 90-тите до сега немало постабилна влада и немало поголемо мнозинство од ова - 78 и тоа расте и сигурно за кратко време ќе надмине и 80 што е две третини од Собрание. Тоа е доволен коментар. За државата и за граѓаните кога имаш мнозинство од 80 пратеници непотребно е да се размислува за предвремени избори, бидејќи тоа само е трошок за државата и губење време, рече Меџити во одговор на новинарско прашање при денешната посета на депонијата Дрисла во Скопје.

Скопје - Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков денеска оствари средба со Орхидеја Каљошевска, експертка за европски фондови и консултантка во областа на инфраструктурните инвестиции и економскиот развој на Западен Балкан. На средбата стана збор за иницијативите во рамки на Инвестициската рамка за Западен Балкан, а фокусот, како што информираат од Кабинетот на Трајков, беше ставен на можностите за економско зајакнување на регионот преку поддршка на инфраструктурни проекти, подобрување на транспортните и енергетските мрежи, како и зголемување на регионалната интеграција и конкурентност.

-Ги идентификувавме приоритетни области за инвестиции, што би можело да привлече дополнителни средства од меѓународни финансиски институции и да овозможи побрза интеграција на Македонија во Европската унија. Целта на ваквите средби е да се детектираат сите предизвици во насока на поголема апсорпција на средства за клучните инфраструктурни и приоритетни инвестиции. Работиме неуморно за подобар животот на граѓаните во Македонија, за создавање можности за бизнис, за зголемување и забрзување на економскиот раст на регионот, истакна Трајков по завршувањето на средбата. 

Тетово -  Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска во Тетово изјави дека уставните измени ќе почнат да се реализираат во моментот кога ќе се добие сигурност како ќе изгледа крајот на тој процес. Муртезани ова го посочи по средбата со градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами.

-Во јавните настапи на меѓународните претставници меѓутоа и во извештајот на Европската комисија стои обврската за уставните измени за почнување на преговорите. Јас и премиерот Мицкоски во неколку наврати јасно сме кажале дека ништо не е спорно во суштината на уставните измени, меѓутоа ние сакаме да бидеме сигурни дека уставните измени нема само да го отворат процесот на преговори, туку дека тој процес ќе има крај. Во моментот кога ние ќе видиме дека процесот е обезбеден, уставните измени може да почнат да се имплементираат, изјави Орхан Муртезани.

Скопје - Подготвени сме да одиме на избори од денеска натаму. Во секој следен циклус на избори ќе настапиме многу организирано и многу поуспешно, посочи денеска на прес-конференција претседателот на СДСМ Венко Филипче, одговорајќи на новинарско прашање во однос на најавата за предвремени парламентарни избори.

Според Филипче, тоа што има најава за предвремени парламентарни избори само неколку месеци после формирањето на Владата, е доказ дека на Владата не и оди најдобро. Тој вели дека нивната теренска анкета укажува оти 65 проценти од граѓаните не се задоволни од работата на Владата.

Брисел - Европската Унија срдечно и честита на Маја Санду за нејзиниот реизбор за втор мандат како претседател на Молдавија, се наведува во заедничката писмена на изјава на Европската комисија и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел по повод вчерашниот втор круг од претседателските избори во оваа поранешна советска република. 

- Им честитаме на молдавските власти за успешното спроведување на изборите и покрај мешањето на Русија без преседан, вклучително и со купување гласови и ширење дезинформации. Овие хибридни активности беа обид за поткопување на демократските институции на земјата и на нејзиниот пат кон ЕУ, се потенцира во изјавата.

Рим - Четворица планинари загинаа на италијанските Алпи во одделни несреќи што се случија вчера, соопшти планинската служба за спасување.

Несреќите се случиле во регионите Венето, Трентино и Пиемонт во северна Италија. Според информациите, загинатите се тројца мажи и една жена.

Лондон - Еден ден пред претседателските избори во САД, трката за Белата куќа е во ќорсокак - и на национално ниво и во секоја американска држава поединечно, пишува Би-Би-Си, со оценка дека анкетите се толку блиску, што и републиканскиот и демократскиот кандидат, Доналд Трамп и Камала Харис, би можеле да победат со поен или два.

Како што е наведено, постојат по пет веродостојни аргументи зошто секој од нив би можел да има предност. Британскиот сервис прво анализираше зошто Трамп може да победи и како аргумент „ЗА“ наведе дека тој не е на власт, а бидејќи економијата е проблем број еден за гласачите и дека повеќето Американци секојдневно се борат со зголемувањето на трошоците за живот.

Брисел - Европската комисија бара од компанијата „Епл“ да обезбеди усогласеност на неговиот оперативен систем „ајПадОС“ со сите релевантни обврски согласно Законот за дигитални пазари на ЕУ (DМА), откако тој во април годинава беше вклучен на листата на основни платформски услуги на блокот.

Како што соопшти денеска ЕК, „Епл“, меѓу другото, мора да им дозволи на корисниците по сопствен избор да го постават стандардниот веб прелистувач на „ајПадОС“, како и да им овозможи пристапуваат до функциите на системот на уреди набавени од конкурентите.

Техеран - Иран и Азербејџан, две соседни земји со затегнати односи во последните години, денеска одржуваат заеднички поморски вежби во Каспиското Море, јавија иранските државни медиуми.

„Комбинираната вежба за помош и спасување во Каспиското Море“ ќе биде завршена утре, а ја организира иранската морнарица, пренесе агенцијата ИРНА. Вежбите се одржуваат во Бандар Анзали, град кој се наоѓа на северозападот на Иран. Два брода на азербејџанската морнарица ќе му се придружат на иранскиот разурнувач Дејламан.

Истанбул - Еден од најдобрите одговори на „ционистичката агресија“ врз Газа и Либан би бил што повеќе земји да ја признаат државата Палестина, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Тој ја истакна суштинската потреба исламскиот свет да ги остави настрана несогласувањата и да се обедини за поддршка на палестинскиот и либанскиот народ во нивната, како што рече, праведна борба против израелската агресија, јави Анадолија.

Остани поврзан