4 ноември 2024
Скопје- Премиерот Христијан Мицкоски заедно со владин тим оствари средба со синдикатот на здравствените работници со кои разговараше за положбата на докторите и останатиот здравствен персонал. Стана збор за потребата за зголемување на платите, но и зголемување на учинокот, како и поголема рамномерност во ангажирањето на здравствените кадри, информираат од владината прес-служба.
Владата, како што велат оттаму, ја афирмирала заложбата за почитување на трудот на лекарите и сите здравствени работници, како и потребата за унапредување на условите за работа и поголема достапност на здравствените услуги за граѓаните на кои им е потребна лекарска грижа.
-Една од областите која беше наследена каде состојбите се најлоши е токму здравството каде граѓаните имаа бројни забелешки. Основната компонента за враќање на достоинството на медицинската професија е создавање на услови за задоволни лекари и здравствен персонал, и тоа ќе биде приоритет во овој дијалог, како и паралелно инвестирање во здравствени капацитети и опрема, се вели во соопштението од Владата.
Во тој поглед, се додава во него, се реализира проектот за вработување на 600 специјализанти и млади лекари, продолжуваат инвестициите во Штипската болница, како и повеќе инвестициски процеси на повеќе болници од комплексот клиники Мајка Тереза.
Скопје - Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски изјави дека МВР ќе ги провери информациите за 500 функционери за кои постојат индиции дека сториле нешто што не е во согласност со законските прописи во смисла на соодветни докази кои не соодветствуваат со потребни законски процедури.
Тошковски го изјави ова по прашањето дали МВР ќе го провери сертификатот за англиски јазик на директорот на АБН, Бојан Христовски, за кој постојат наводи дека е невалиден. Тој истакна дека МВР ќе постапува согласно законските прописи и дека се преземени процесни дејствија во неколку постапки.
- Во изминатиот период од МВР се преземени процесни дејствија во неколку постапки, тие се како завршно дејствие на претходни предистражни дејствија кои што траеле многу повеќе од десетина дена. Така што сметам дека во рамки на она што ни е надлежност ќе настапиме, рече тој во изјава за медиуми по денешната прес-конференција на ЗНМ по повод Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста за злосторствата против новинарите.
Во однос на прашањето дали смета дека Христовски треба да поднесе оставка, министерот одговори дека смета дека, како што рече „не треба да навлегувам во тој дел“.
Скопје – Загадувањето е комплексно прашање кое не може да се реши со една мерка, туку со повеќе мерки. Со комплексот на мерки кои ги преземаме полека но сигурно ќе влијаеме да има почист воздух и почиста животна средина, порача денеска првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити.
Како позитивен пример го оцени последниот проект на Владата за доделување средства на општините за реализација на капитални проекти, зашто, како што рече, 40 отсто од нив се за еколошки проекти и за подземна инфраструктура со што индиректно помагаат за почист воздух.
-Работиме интензивно на намалување на загадувањето кое е проблем. Точно е дека долго време Скопје и некои други градови во Македонија се високо загадени особено урбаните средини, но точно е и дека во последните години се намалуваат деновите во кои воздухот е најзагаден. Има и други мерки од Министерството и од Владата. Деновиве во функција ќе бидат ставени и средствата од ЕИБ во износ од 50 милиони евра за подземна инфраструктура во сите општини кои досега не беа искористени, рече Меџити во одговор на прашање при денешната посета на депонијата Дрисла во Скопје.
Скопје - Оградување на депонијата „Дрисла“, изработка на пречистителна станица и изготвување техничка спецификација за набавка на инсенератор за уништување медицински отпад, биле тема на разговор на денешниот состанок во претпријатието во Скопје. Присутни на состанокот беа и првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, како и в.д. директорот на Јавното претпријатие - депонија „Дрисла“, Ненад Јосевски.
Министерот Меџити, во изјава за медиуми, рече дека разговарале отворено со директорот и неговата екипа, околу конкретни чекори за депонијата да биде со високи стандарди.
- Прво, значи оградувањето на „Дрисла“ треба да се врати, бидејќи тоа е ризично и штетно за граѓаните, треба и други инвестиции да се преземаат. Значи разговаравме детално и работиме заедно да најдеме решение, подвлече министерот.
Јосевски, в.д. директор на претпријатието, кажа дека во планот за јавни набавки им е изготвување ограда, изработка на пречистителна станица и изготвување техничка спецификација за набавка на инсенератор за уништување медицински отпад.
Скопје – Фондот за здравствено осигурување ФЗО од 2014 година или е во „статус кво“ или е во уназадување во сите подрачја од сопствената работа, оцени денеска директорот на ФЗО Сашо Клековски.
Сите 740 вработени во ФЗО, како што кажа, работат на надминување на проблемите. Со ребалансот на Буџетот, додаде, ФЗО има сопствен буџет од околу 780 милиони евра од кои 87 отсто се за здравствени услуги, 11,5 отсто за надоместоци за боледување, а 1,5 отсто трошоци за функционирање на ФЗО.
-Проблемите најлесно се гледаат низ долгот на јавно здравствените установи (ЈЗУ). На 30 јуни годинава 109 ЈЗУ имаа долг од пет милијарди денари и само во првото полугодие од годинава долгот беше зголемен за една милијарда денари. Во буџетот на ФЗО не биле планирани ниту усогласувањата на платата во здравството договорени во 2023 година. Тоа значи дека има зголемување на долговите, а не се покриени преземените обврски за плати во јавното здравство и за условите за работа во смисла на лекарства, рече Клековски на Платформата „100 проценти посветени на тебе на тема: Мерки и политики за унапредување на здравството, социјалната политика, демографијата и младите“ што денеска се одржа во Владата.
Скопје - Државата во 2022 година потрошила приближно 22 милиона 690 илјади евра за сместување, исхрана и стипендирање во високото образование. Од тие 22,6 милиони евра, 50 отсто се исплатени за студентки оброк, 40 отсто за стипендии, 17 отсто за сместување и исхрана, а 3 отсто за останати расходи.
Конечниот извештај на Државниот завод за ревизија утврдил дека мерките и политиките што ги презеле надлежните органи за студентскиот стандард се недоволно ефикасни за да се создадат соодветни услови за стипендирање, сместување и исхрана на студентите.
На презентација на Извештајот во Собранието, главниот државен ревизор Максим Ацевски рече дека се констатирани „поразителни бројки и состојба“ која, рече, „не упатува на услови што би требало да бидат хумани за живеење на нашите студенти“. Притоа, ниту студентските домови, ниту надлежното министерство, како што рече, немаат стратегија за утврдување пристап за постапување кон овој проблем.
Скопје- Зголемување на гарантирана минимална помош за 10 отсто, на посебниот додаток за 30 проценти, на паричната помош за квадриплегија за 50 отсто, за потполно глуви лица за 20 отсто, на правото на надоместок на плата за скратено работно време за родители поради нега на дете или лице со телесна и ментална попреченост и најтешки хронични заболувања за 30 проценти, како и воведување ново право на парична помош за лицата без горни екстремитети, најави денеска министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани.
Како што истакна Лимани на настанот Платформа: 100% посветени за тебе - „Мерки и политики за унапредување на здравството, социјалната политика, демографијата и младите“, се предвидува и програма за вработување на најмалку едно лице со попреченост во сите јавни институции, но допрва ќе се утврдува соодносот, дали ќе биде еден спрема 20, 30 или 50.
Владата, додаде министерот, планира и посебни програми за лицата со попреченост кои ќе почнат сопствен бизнис, како и програма за вработување деца без родители и родителска грижа по наполнување на 18 години.
Скопје - Во тек е изградба, доградба и опремување на 15 градинки кои ќе овозможат прифаќање на околу 1 400 деца, а до 2028 година е планирано отворање на 25 нови градинки низ државата, рече денеска министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани.
Во обраќањето на настанот Платформа: 100% посветени за тебе - „Мерки и политики за унапредување на здравството, социјалната политика, демографијата и младите“ што го организира Владата, Лимани напомена дека инвестирањето во градинките не зависи само од централната власт, туку во целиот процес мора да се вклучат и општините.
Министерот најави и вработувања на негувателки во градниките. Закнот за нови лиценци се изготвува и, како што истакна Лимани, до крајот на овој месец најверојатно ќе помине на Влада и во Собрание.
Скопје- Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал - Сектор за криминалистички истраги - Единица за корупција, до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против Д.Г.(58), Е.А.(58) и О.П.(44), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злосторничко здружување“, „оддавање службена тајна“, „попречување на правдата“ и „противправно стекнување и прикривање имот“, соопшти МВР.
Пријавените Д.Г. и Е.А., како што е наведено во соопштението, во периодот кога биле вработени во Министерството за внатрешни работи, заедно со О.П., се приклучиле на организирана криминална група за која прибавувале, соопштување, пренесување или на друг начин овозможувале достапност на податоци што претставуваат службена тајна.
Скопје - Двајца пензионирани полицајци и уште едно лице поради оддавање службени тајни на организираната криминална група „Дуќанџик“ се лишени од слобода и против нив е донесена наредба за спроведување на истражна постапка, соопшти денеска Јавното обвинителство.
-Јавен обвинител од ОЈО ГОКК ноќеска ја координираше акцијата на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР во која три лица се лишени од слобода и против кои е донесена наредба за спроведување на истражна постапка. Осомничените во периодот од декември 2019 година до март 2021 година извршиле кривично дело Злосторничко здружување и продолжено кривично дело Оддавање на службена тајна, дополнително прво и третоосомничениот сториле и кривично дело Попречување на правдата, а на првоосомничениот му се става на товар и кривичното дело Противправно стекнување и прикривање имот, се наведува во соопштението од Обвинителството.
Осомничените, како што се посочува во соопштението, од користољубие, се поврзале со организираната криминална група „Дуќанџик“ од село Грчец и како припадници со посебна улога, поттикнати со умисла од првосомничениот во предметот „Грчец“, пренесувале службени информации.
Скопје- Зајакнување на капацитетите на Граничната меѓуагенциска единица на Меѓународниот аеродром Скопје, преку мониторинг на највисоко ниво, поднесување извештај за заплени заради анализа на трендовите и дефинирање на идните потреби со цел ефикасен одговор на сериозни закани од организиран криминал и проширување на надлежностите на единицата во делот на илегалната миграција и трговија со луѓе, се дел од заклучоците од денешниот состанок помеѓу директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, заменик директорот Гариб Каба, помошник директорот Влатко Лакордов, заедно со помошник директорот во Одделот за гранични работи и миграции, Ивона Стефановска одржан со Мисијата на Канцеларијата на ОН за дрога и криминал предводена од Батир Гелџиев, регионален координатор за Југоисточна Европа.
Како што соопшти Царинска управа, Оценската мисија неделава е во Скопје и Охрид заради скенирање на состојбата за спроведување на Проектот за комуникација на аеродромите (AIRCOP) и Програмата за контрола на контејнерите (CCP) во чии рамки е воспоставена Граничната меѓуагенциска единица на Меѓународниот аеродром Скопје. Со цел спречување на нелегалните дејствија по воздушен сообраќај, се скенира состојбата на меѓународниот аеродром во Охрид со цел изнаоѓање на најсоодветен начин за заедничко делување и на овој аеродром.
Скопје - Итно решавање на сите отворени процеси во кои врз новинари се применува насилство, реформи во регулативата за слеп тужбите и сериозен одговор од МВР и ОЈО на вербалното насилство што се случува сѐ почесто преку онлајн платформите се барањата на Здружението на новинарите на Македонија по повод Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста за злосторствата против новинарите - 2 ноември.
На денешната прес-конференција на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) што се одржа во Клубот на новинари се дискутираше за заштитата на новинарите и казнивоста на заканите и нападите врз нив.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, истакна дека оваа година се регистрирани четири посериозни прекршувања на правата на новинарите, заедно со бројни онлајн закани и осум слеп тужби.
Скопје - Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска во Собранието поднесе Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, со кој се предвидува укинување на ДДВ-то за прехранбените производи, односно од 5% на нула проценти ДДВ, за сите основни производи за исхрана.
Предлог-законот, денеска на прес-конференција во Собранието, го претстави претседателот на СДСМ, Венко Филипче според кого, измените ќе значат месечна заштеда за граѓаните од 1.200 до 2.000 денари.
-Она што е најважно е дека за спроведувањето на предлог-законот не е потребно обезбедување на финансиски средства и оваа мерка нема да може да биде изиграна од трговците како што тоа се случи со мерките на Владата на Христијан Мицкоски, рече Филипче, и ги повика сите пратеници, без разлика на политичката идеологија, да го поддржат законот.
Скопје - Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, поднесен од пратениците на СДСМ, со кој, според предлагачот, ќе значат месечна заштеда за граѓаните од 1.200 до 2.000 денари.
- Ние како пратеничка група нема да поддржиме едно вакво законско решение, бидејќи продолжува дневно политичко препукување со економски теми од истите луѓе коишто ја донесоа Македонија во ваква девастирана економска состојба, изјави пратеникот Бојан Стојановски.
Тој потсети дека претходната Влада четирипати одбила такво законско решение.
- Да ја потсетам јавноста, го покачија ДДВ на над 2000 прехранбени производи од 5 на 10 отсто и ни делеа нутриционистички совети дека голем дел од таа прехрана не била здрава, па затоа се покачува данокот. Дополнително, кажа една лага. Апсолутно нема врска со вистината дека потрошувачката кошничка се намалила само за 57 денари. Да ги слушаа синдикатите и да имаа посериозна комуникација со нив, ќе знаеја дека тоа не е вистина, бидејќи цената за храната за 30 дена се намали за 965 денари. Манипулацијата со цената на минималната синдикална кошничка ја прави Венко Филипче, искористувајќи го покачувањето на цената на облеката, којашто воопшто не е во иста кореспонденција за она што нам ни е укажано, рече Стојановски.
Според него, ваквите законски решенија не придонесуваат за зголемување на квалитетот на живот на граѓаните, туку за креирање на дневно политички теми, преку законски решенија полни со технички грешки, коишто потоа се поправаат на наредните прес-конференции, проследени со извинување.
Скопје — Приватните превозници Јофи Бус ДОО од јавниот градски превоз во Скопје предлагаат координаторите на советничките групи, Град Скопје или Владата да закажат проширен состанок со Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) за изнаоѓање излез од кризата со јавниот градски превоз, соопшти денеска на прес-конференција претставникот на приватните превозници Јофи Бус ДОО, Јовица Зафировски.
– Јавниот превоз во градот Скопје не е на нивото што треба да биде, затоа ние како приватни превозници решивме да предложиме до надлежните да се закаже состанок на повисоко ниво за да може да излеземе од оваа ситуација. Предлагаме до координаторите на советничките групи, Град Скопје, Владата на Р. Македонија, до сите стручни лица кои што се во јавниот превоз, ние приватните превозници, заедно со ЈСП да седнеме на еден проширен состанок за да најдеме излез од оваа криза. Јавно упатуваме апел што побрзо да се одржи тој состанок, за да можеме да излеземе од оваа ситуација, рече Зафировски.
Еден од проблемите со кој се соочуваат приватните превозници, Зафировски вели е цената за изминат километар, која во моментов изнесува 70 денари, а според цената на нафта, рече, треба да биде околу 120 денари.
Вашингтон - Денеска е последниот ден од претседателските кампањи на двајцата кандидати за претседателските избори во САД, кој и двајцата ќе го искористат за одржување неколку собири на места што ги сметаат за клучни за победата на изборите во вторник.
Американските гласачи сè уште се поделени во изборот меѓу републиканецот Доналд Трамп и демократката Камала Харис, а анкетите покажуваат неизвесна трка, особено во седум клучни сојузни држави за кои се очекува дека ќе го одредат победникот.
Трамп, 78-годишен републиканец, милијардер и поранешен претседател, за време на кампањата преживеа два обиди за атентат, само неколку недели откако поротата во Њујорк го прогласи за виновен за фалсификување документи, со што стана првиот поранешен американски претседател осуден за кривично дело.
Харис неочекувано стана кандидатка на својата партија во јули, добивајќи можност да стане првата жена претседател на САД, откако актуелниот претседател Џо Бајден се повлече од трката по лош настап на дебата и притисокот од партијата да се откаже.
Анкетите покажуваат дека двајцата кандидати се изедначени на национално ниво, но и во променливите сојузни држави, таканаречени колебливи држави (swing states).
Брисел - Ние немаме навика или улога да поддржуваме кандидат на избори - во ЕУ или во светот. Ова денеска го изјави портпаролот на Европската комисија на прес-конференција како одговор на прашања поврзани со утрешните претседателски избори во САД.
Јасно ставивме до знаење дека се подготвуваме за исходот од изборите во САД. Не коментираме избори во странство. Улогата на ЕУ е да биде подготвена за секој изборен резултат, резимира портпаролот.
Неодамна европските изданија објавија дека ЕУ е подготвена за каков било развој по утрешните претседателски избори во САД.
Во пресрет на изборите, кандидатот на Републиканската партија, Доналд Трамп предупреди дека ЕУ ќе мора да плати „висока цена“ на полето на економијата доколку тој биде избран за претседател на САД.
Брисел– Лидерот на десничарската Нова фламанска алијанса (Н-ВА), Барт де Вевер денеска на белгискиот крал Филип му го врати доделениот мандат за формирање на нова Влада на Белгија, јави дописникот на МИА од Брисел.
Како што соопшти белгиската Кралска палата, на денешната средба со кралот, Де Вевер формално му ја доставил својата оставка како мандатар за формирање Влада, но белгискиот монарх сепак му дал дополнително време за консултации околу можноста за создавање нова владина коалиција.
Како што се наведува во соопштението, новиот краен рок до кога Де Вивер треба да се обиде да обезбеди мнозинство во белгискиот Федерален парламент е 12 ноември.
Одлуката на Де Вевер за враќање на мандатот уследи по последните консултации меѓу петте потенцијални владини партнери одржани претпладнево.
По средбата Де Вевер не даде никаква изјава, туку директно се упати кон Кралската палата.
Техеран - Иранското Министерство за надворешни работи денеска го осуди „дестабилизирачкото присуство“ на САД на Блискиот Исток, бидејќи Вашингтон најави распоредување на стратешки бомбардери Б-52 во регионот за да го брани Израел, заколнатиот ирански непријател.
-Отсекогаш верувавме дека американското присуство во регионот е дестабилизирачко, рече на прес-конференција портпаролот на иранското МНР, Есмаил Багаи.
Минатата недела Пентагон соопшти за доаѓање на американски бомбардери Б-52 и други сили на Блискиот Исток за „одбрана на Израел“, близок сојузник на САД, со што Иран беше предупреден да не презема дополнителни чекори.
-Зајакнувањето на (американското) присуство ќе создаде поголема тензија и сигурно нема да влијае на нашата решеност да се браниме, рече Багаи, одговарајќи на прашање за пристигнувањето на американските бомбардери.