• вторник, 05 ноември 2024
МИА Општински пул

31 октомври 2024 

Скопје - Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов одржа координативна средба на тема „Загрозување по животот и здравјето на луѓето и по материјалните добра од подземните води, одрон и рушење на потпорно-оградниот ѕид на улица „Белградска“ кај ЈЗУ УК за детски болести - Скопје, информираат од неговиот кабинет.

На средбата во ЦУК, присуствувале сите поканети претставници од Министерство за здравство, Град Скопје, Општина Центар, Инспекциски совет, Министерство за внатрешни работи. Присутни биле и вработени во Центарот - државниот советник Драги Тарчуговски и колеги од Секторот за операции и координација на ЦУК, кои, се појаснува во соопштението, непосредно се ангажирани за конкретната проблематика за координација за решавање на опасноста.

На средбата биле разгледани материјали од досегашните активности и инспекциски наоди и се донеле неколку заклучоци.

Гевгелија - Дождот и градот што на 2 јули годинава ги зафати Гевгелија и населените места Милетково, Миравци, Габрово и Петрово предизвикале штети во изнод од 38,5 милиони денари на 69.554 хектари со различни земјоделски култури и посеви.

Проценката ја соопштија од Општина Гевгелија според елборатот што го подготви Општинската комисија за процена и утврдување на штети од елементарни непогоди, а кој го усвои Советот на Општина Гевгелија.

Штети од јулското невреме пријавиле 84 индивидуални земјоделци и 4 правни лица. Оштетувањата се движат од 30 до 100 отсто, а најголеми штети се предизвикани на лозовите насади. 

Советот на Општина Гевгелија Елбаротот за штетите го достави до Републичката комисија за проценка и утврдување на штети од елементарни непогоди, до Владата и министерствата за финансии и за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Скопје - Корисниците на дел од бул „Јане Сандански“ и од улиците „Васко Карангелевски“, „Владимир Комаров“ и „Коста Новаковиќ“ во општина Аеродром ќе останат без вода поради уличен дефект од ф 150мм на бул. „Јане Сандански“ бр 22.

Како што информира ЈП Водовод и канализација - Скопје, водоснабдувањето ќе биде прекинато од 13.30 часот и ќе трае до завршување на интервенцијата.

Од 13.30 часот прекинато водоснабдување ќе имаат и корисниците од улиците „Драчевска“, „Сердарот“ и дел од село Драчево поради уличен дефект ф 100 мм на ул. Драчевска бб (место викано Три круши).

Прекинот на водоснабдувањето ќе трае до отстранување на дефектот. 

Виница – Советот на Општина Виница на денешната редовна седница донесе одлука за определување нова локација во близина на селото Драгобраште, на која комуналното претпријатие „Солидарност“ привремено ќе го депонира отпадот од домаќинствата и правните субјекти.

Главна причина за ваквото времено решение е што на комуналните возила на претпријатието не им е дозволено да го носат отпадот на депонијата кај кочанското село Бели, поради блокадата на пристапниот пат што неколку дена ја организираат жителите на Кочани и околните населени места.

Заедно со градоначалникот и комуналниот инспектор разгледувавме неколку можни локации во општината и утврдивме простор што се наоѓа во близина на селото Драгобраште, од манастирот Свети Спас по таканаречениот Среден Дел, а што порано бил користен како стар пат кон Виница. Местото е рамно, до манастирот води асфалт, а потоа продолжува земјен пат од околу 500 метри, по кој камионите за отпад можат да поминуваат. Нема шума, ниту бујна вегетација, а во консултација со претставник од противпожарната единица, бидејќи мора да има пристап и за противпожарно возило, оценивме дека оваа локација е најсоодветна. Депонирањето на отпадот таму се надевам дека ќе биде за краток период, односно додека да се создадат услови повторно да почнеме да го носиме на депонијата кај Кочани, истакна Игор Спасевски, директор на ЈКП „Солидарност“ – Виница.

Струмица - Полицијата уапсила 27-годишен жител на струмичко заради сомневање дека извршил обљуба врз 20-годишна жителка на радовишко село со која живее во вонбрачна заедница, соопштија денеска од СВР Струмица.

Според информацијата, осомничениот бил уапсен вчера во 18:45 часот и бил задржан во Полициската станица во Струмица.

За настанот бил запознаен јавен обвинител од ОЈО Струмица и по документирање на случајот против осомничениот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Охрид – Со изведување докази на одбраната денеска продолжи процесот што пред Основниот суд во Охрид се води за случајот со нападот врз Христијан Пендиков, секретар на поранешниот бугарски културен клуб во Охрид.

Прв на судската говорница беше повикан да сведочи Гоце Спасески, татко на првообвинетиот во предметот, кој одговарајќи на прашања на застапникот на одбраната Димитрија Цобоски, меѓу другото пред Судот презентираше доказ дека е непосреден учесник во спасувањето на преживеаните во бродската несреќа на Охридското Езеро од 5 септември 2009 година, кога при потонувањето на бродот „Илинден“ животот го загубија 15 туристи од Република Бугарија. Заради неговиот личен продонес во спасувањето тој од бугарската држава е одликуван со орден за заслуги.

Одбраната предложи како доказ во предметот да биде вметната и видео-снимка од интервју што оштетениот Пендиков ја дал за бугарска национална телевизија, на што Обвинителството се спротивстави од неколку причини, пред се поради тоа што  не е утврдено дали се работи за целосна снимка или само извадоци од изјавата на оштетениот.

Куманово - Екипите на „Чистота и Зеленило“ денеска интензивно ги чистеа градските гробишта во Куманово. Ангажирани се дополнителни работни екипи и постави садови за смет низ градските гробишта во пресрет на верскиот празник Митровденската задушница во знак на сеќавање на починатите, информираа денеска надлежните од претпријатието.

Директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Ненад Стојановски истакна дека во пресрет на празникот, се ангажирани повеќе екипи и оти се исчистени околу 90 проценти од просторот и оти наскоро ќе биде исчистен и останатиот дел.

По завршување на празникот во недела ќе бидат ангажирани дополнителни работници кои ќе го изнесат сметот и ќе ги расчистат површините на оваа локација.

Крива Паланка - Општина Крива Паланка во соработка со канцеларијата на UN Woman, Скопје денеска организираше работилница за родово одговорно буџетирање и развивање родови индикатори за локални буџетски програми.

Работилницата со фокус на општинската администрација и раководители на сектори опфати три сегменти: протоколи на општината за развивање локални програми за вклучување на родовата перспектива, што ги претстави Лидија Митовска од Општина Крива Паланка, координатор за еднакви можности, додека Наташа Амдиу експертка од UN Woman говореше за родово одговорно буџетирање, вклучување на родовата перспектива и креирање индикатори, како и подготовка на локални програми со развој на родови индикатори за локални програми.

Скопје - Со четири гласа „за“, 10 „против“ и осум воздржани, Советот на Град Скопје денеска не ја изгласа иницијативата за мораториум за внесување нови животни во Зоолошка, поднесена од „Зелен хуман град“.

Драгана Велковска од „Зелен хуман град“ рече дека со ова нема да се оптовари буџетот на Градот и пвика да се спречи понатамошно внесување нови животни во Зоолошката. 

-Ако зборуваме дека одиме во 21. век, се стремиме кон еволуција, прво на лично ниво, а потоа и колективно секако, можеме да кажеме дека доволно се грижиме за тоа што нѐ опкружува и дека не би дозволиле, кога веќе ја имаме моќта во наши раце, да дозволуваме да страдаат живи суштества, кои и тоа како чувствуваат болка, страдање, тага, страв, како што чувствува секој од вас, секој од нас, овде, порача Велковска.

 

Остани поврзан