МИА Општински пул
- 27 ноември 2024
Скопје - Во рамки на проектот „Сарај и Лебане заедно за зелениот туризам – Green Tour“, денеска во општина Сарај ќе бидат пуштени во употреба пешачката и велосипедската патека Матка - Шишево.
Како што информира Општина Сарај, ова е прва директна инвестиција од Европската Унија во кањонот Матка преку Програмата за прекугранична соработка Србија - Северна Македонија. Ќе биде презентиран и напредокот и влијанието на проектот врз локалниот екотуризам.
Предвидени се обраќања на заменик-амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во Скопје Бен Нупнау и градоначалникот на Општина Сарај Илјас Весели.
Кавадарци - „Куќата на тетка ми" е новата книга од младата писателка Марта Димитров, што излезе од печат, а издавач е издавачката куќа „Антолог". Наменета е за тинејџери и деца, но и за сите други љубители на пишаниот збор.
Димитров, која е по потекло од Кавадарци, претходно има објавено едно дело во електронска форма, како и печатени изданија на романот „Разголена душа", стихозбирката „Мојот храм е внатре во мене" и романот „Шардоне и шпагети карбонара".
Авторката открива дека во делото има автобиографски дел и дека куќата што била инспирација за книгата, навистина постои во Кавадарци. Отсекогаш и била мистична, мистериозна и се прашувала дали некој живее таму. Ссподелува дека книгата е посветена на нејзините две внуки од сестра, Клара и Бела.
Скопје - Во согласност со одлуката на Советот на Град Скопје, објавен е јавен повик за избор на независни стручни лица – членови на телото Скопје ЕПК 2028, чија цел е водење, спроведување и координација на активностите кои произлегуваат од титулата Скопје 2028 - Европска престолнина на културата.
Како што информира Град Скопје, јавниот повик е отворен за учество за физички лица со живеалиште на територија на Град Скопје кои имаат значително искуство во една или повеќе области по повикот со кои ќе придонесат за успешна реализација на Скопје 2028 - Европска престолнина на културата. Тоа се: изведбена уметност, музичка уметност, визуелна уметност и уметност на новите медиуми, издавачка и библиотечна дејност, музејска дејност и промоција на културно наследство, креативни индустрии, применета уметност и општествени науки.
Охрид – Дуќани и угостителски објекти во дел од Старата чаршија во Охрид добија унифицирани рекламни табли.
Станува збор за проект на Општина Охрид за разубавување на градот, во чии рамки е предвидено унифицирано рекламирање на стопанските субјекти во градот.
Со последниот зафат реализиран на потегот од плоштадот „Св. Климент Охридски“ и низ охридската чаршија, поставени се 40 нови табли.
Проектот почна минатата година, кога унифицирани информативни табли добија 74 субјектилоцирани на потегот од плоштадот „Свети Климент Охридски“ долж улицата „Цар Самоил“ се до црквата „Света Софија“, како и дуќаните на улицата „Коста Абраш“.
Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски утрово одржал час по локална самоуправа со учениците од четврто одделение од ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, при што ги запознал со работата на локалната самоуправа и тековните активности, но и како функционира Советот.
Како што соопштија од Општина Центар, Герасимовски потенцирал дека еден од главните приоритети во неговиот мандат е подобрувањето на основните училишта на територија на општината.
- Во изминатите три години заедно со мојот тим значително ги подобривме условите во училиштата. Во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ го саниравме покривот и обезбедивме сензорна соба. Првачињата од Песталоци, но и од сите осум други училишта добија бесплатни ранци и училишен прибор. Направивме реконструкција на четири училници и нова спортска сала во „Кочо Рацин“ и изградивме четири нови училници, два кабинети, еден тоалет за лица со попречености во училиштето „Коле Неделковски“. Ги саниравме училниците во ООУ „Димитар Миладинов” и реконструиравме свечената сала”, изјави Герасимовски по средбата.