• недела, 21 април 2024

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 29 март 2024 (МИА) - На 28.03.2024 во 18.40 часот во викенд куќа на ул„Туристичка“ во Берово, полициски службеници од Полициската станица Берово го лишиле од слобода Б.Ч.(36) од Берово. Тој бил затекнат при извршување на кривично дело „тешка кражба“ од викенд куќата од каде одзел повеќе предмети. Тој бил задржан во полициска станица и во службен разговор признал уште едно кривично дело „тешка кражба“ од друга викенд куќа. Дел од одземените предмети биле пронајдени и вратени на оштетените граѓани. По комплетирање на случаите против Б.Ч. ќе бидат поднесени соодветни пријави.

На 28.03.2024 во 16.15 часот и 19.30 часот, полициски службеници на СВР Тетово - Полициско одделение Галате ги лишиле од слобода: Е.Ф.(23), Ј.М.(18), Е.А.(27), А.Д.(18) и И.Ф.(32), сите од гостиварски Добридол. Тие се сомничат дека во периодот од 23.03. до 28.03.2024 од штала сопственост на 38-годишниот С.М. од истото село противправно одзеле добиток и потоа го продале на друго лице од тетовско. Задржани се во Полициската станица Гостивар и по целосно расчистување и документирање на случајот ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци.

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против шест службени лица- инспектори, вработени во Државен пазарен инспекторат, и тоа: С.Б.(32), Ј.Р.(54), В.М.(47), Б.С.(46),С.С.(61) и Р.Б.(37), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од чл 353 од КЗ на РСМ. Во текот на март и април 2023 година, преземајќи службени дејства и вршејќи контрола кај три објекти обележани како менувачници, лоцирани во близина  на Бит Пазар, Скопје, за кои што било утврдено дека не биле регистрирани како правни лица и не поседувале лиценци издадени од НБРСМ за вршење менувачко работење, а подолг временски период работеле како менувачници, пријавените, согласно Законот за забрана и спречување на вршење нерегистрирана дејност согласно кој сами навеле дека постапуваат, на затекнатите лица во дивите менувачници биле должни да им изречат решение за забрана за вршење дејност, да им ги запечатат објектите, да им ги одземат предметите, опремата и средствата со кои е направен прекршокот како и да им изречат глоба во износ од 1000 до 20.000 евра во денарска противвредност. Но, пријавените пазаришни инспектори ги прекршиле сите одредби од наведениот закон и во три извршени вонредни инспекциски надзори на затекнатите лица во сите три објекти како менувачници, ниту им издале решение за забрана за вршење на нерегистрирана дејност, ниту им ги запечатиле просториите каде што ја вршеле противзаконската активност, ниту им ги одзеле средствата, предметите и  опремата со кои е направен прекршокот ниту пак им изрекле глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра. Напротив, во сите три извршени вонредни надзори на сите три менувачници на секој од сопствениците им изрекле еднократна парична глоба во износ од 80 евра во денарска противредност и ги оставиле и понатаму менувачниците редовно да работат, со што постапиле спротивно на законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност и со неизвршување на својата службена должност го сториле кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

На 28.03.2024 во 13.15 часот на Граничен премин „Табановце“, при пасошка контрола, полициски службеници констатирале дека Ж.И.(26) од Струмица на увид приложил фалсификувана полска возачка дозвола. Возачката дозвола била одземена за понатамошна постапка, а по целосно документирање на случајот против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Н.В.(31) од кичевското село Црвевци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. При преглед кај него и во неговиот автомобил, извршен на улицата „Љубица Богеска“ во Кичево, полициските службеници пронајдоа и одзедоа марихуана.

На 29.03.2024 во 00.15 часот пред угостителски објект во охридската населба Чекоштина, полициски службеници од СВР Охрид ги привеле К.Б.(67) и М.П.(37), двајцата од Охрид, затоа што го нарушиле јавниот ред и мир со пукање во воздух од пиштол „Радом“ калибар 9 милиметри, сопственост на М.П.. Пиштолот бил одземен и по целосно документирање на настанот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 28.03.2024 на подрачјето на СВР Штип спроведена е акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле санкционирани 20 прекршоци од кои, 10 надвор од населено место и 10 во населено место. Санкционирани биле и 34 други видови на прекршоци.

На 28.03.2024 во 14.30 часот во СВР Скопје, 55 – годишен скопјанец пријавил дека тој и неговата сопруга биле измамени од едно лице за сума од 2.200 евра. Според пријавеното, на 12.03.2024 лицето се јавило на неговата сопруга и се претставило наводно како вработен во Министерство за финансии и дека можел да им помогне да им бидат исплатени парите што ги имале во една банка во стечај. Како што е пријавено, во периодот од 12.03. до 27.03.2024, лицето во неколку наврати побарало и добило пари од нив. Според пријавеното, исто така, на 28.03.2024 лицето повторно му се јавило и се обидело да изнуди пари, по што тој сфатил дека  бил доведен во заблуда и измамен. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

На 28.03.2024 во 14.40 часот во СВР Тетово, 57 - годишен жител на тетовско село пријавил дека 58-годишниот М.М. од Република Албанија во текот на минатиот месец нему и на уште едно лице им ветил дека ќе им отвори фирма во Дубаи, а за возврат тие во три наврати му платиле вкупно 11 илјади евра. Но, ниту фирмата им била отворена, ниту парите им ги вратил, по што сфатиле дека се измамени. Се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот.

На 28.03.2024 околу 13.30 часот на улица „Иво Лола Рибар“ во Тетово, во рамките на спроведена акциска контрола, полициските службеници на СВР Тетово санкционирале патничко моторно возило „фолксваген бора“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од 58-годишниот С.М. од тетовски Порој. Возачот С.М. вршел јавен превоз без потребните документи и ќе се соочи со поднесок по член 284-а од Кривичниот законик.

На 28.03.2024 околу 19.45 часот, при спровод на Р.Џ.(26) од Штип, лице лишено од слобода,  од ОВР Неготино до Казнено – поправната установа Затвор Куманово, полициските службеници кои го спроведувале го запреле возилото на бензинска пумпа пред патарината во Куманово, по што Р.Џ. се дал во бегство. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето и расчистување на случајот.

Денеска (29.03.2024) во 02.15 часот во Скопје, полициски службеници од Полициската станица Аеродром го лишиле од слобода М.И.(26) од Република Србија, постапувајќи по претходна пријава дека околу 21.15 часот на 28.03.2024 на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, по претходно недоразбирање во сообраќајот, физички го нападнал Д.Ј.(21) од Скопје. Притоа, Д.Ј. се здобил со тешки телесни повреди констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 27.03.2024 во 16.10 часот во СВР Скопје, С.К.(42) од Скопје пријавила дека на 19.03.2024 околу 14.30 часот на подрачјето на Центар, по претходни недоразбирања, била физички нападната од Ѓ.Р., М.Б. и К.Р., сите од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 28.03.2024 во 10.45 часот во СВР Скопје, К.Н.(43) од с.Петровец, скопско, пријавил дека во селото, по претходни недоразбирања, бил физички нападнат од Х.С. од истото село. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 28.03.2024 во 13.50 часот во СВР Скопје, А.Г.(35) од Скопје пријавила дека на 27.03.2024 околу 17.50 часот на подрачјето на Бит Пазар била физички нападната од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 28.03.2024 околу 22.00 часот во СВР Скопје, Д.Г.(49) и Т.Н.(50), двајцата од Скопје, пријавиле дека околу 21.30 часот во училишен двор на подрачјето на Центар во Скопје, нивните малолетни синови биле физички нападнати од еден малолетник. Се преземааат мерки за расчистување на случајот.

Денеска (29.03.2024) во 10.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на 21.03.2024 околу 16.00 часот во адвокатска канцеларија на подрачјето на Центар, една вработена била физички нападната од М.К.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска (29.03.2024) во 10.00 часот во СВР Скопје, О.М.(30) од Скопје пријавил дека на 09.03.2024 околу 10.00 часот ,додека работел со градежна машина на подрачјето на Радишани кон Љуботенски пат, по претходна расправија, бил физички нападнат од Х.В.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 29.03.2024 во 00.25 часот, К.Т.(25) од Кичево во полициска станица пријавил дека на улицата „Магистрален пат“ во Кичево бил каснат од куче скитник.  

На 28.03.2024 во 15.00 часот во СВР Велес, М.Ш.(56) од село Горно Оризари, велешко, пријавил дека во центарот на селото бил каснат од куче скитник.

На 28.03.2024 во 16.50 часот во СВР Куманово, М.Т.(22) од Куманово пријавил дека на улица „100“ во населба Карпош во Куманово бил каснат од куче скитник.

На 28.03.2024 во 19.50 часот во СВР Тетово, 50 - годишниот В.Г. од тетовско Беловиште пријавил дека на крстосницата на улиците „Видое Смилевски Бато“ и „Борис Кидрич“ во тетово, неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.

Денеска (29.03.2024) во 01.00 часот во Полициската станица Аеродром, И.О.(39) од Скопје пријавил дека на пешачка патека во близина на река Вардар во Скопје бил каснат од куче скитник.

На 28.03.2024 во 22.00 часот во Полициското одделение Шуто Оризари, Е.И.(20) од Скопје пријавила дека на ул.„Хаџи Јован Шишков“ во Скопје била касната од куче скитник.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против И.А.(35) и Б.З.(35), двајцата од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“ и А.В.(36) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“ во врска со кривично дело „разбојништво“. На 07.10.2023 на ул.„11 Ноември“ во Куманово, прво и второпријавениот со закана со пиштол и употреба на дрвен предмет од вработен во агенција за обезбедување одзеле чанта со пари од промет во продажен објект, кои претходно ги подигнал. Третопријавениот, претходно чувал стража пред продажниот објект и ги известил прво и второпријавениот кога пристигнало лицето од агенцијата за обезбедување.

ОВР Кратово поднесе кривична пријава против В.А.(58) од с.Арачиново, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“ и Т.М.(70) од Скопје и Г.И.(57) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“ во врска со кривично дело „тешка кражба“ извршено на 16.03.2024 во Градски пазар во Кратово, кога од лице од кратовско село одзеле паричник.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против С.Л. (52) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба на електрична енергија“. Пријавената, во период од 01.02.2023 до 12.01.2024, ангажирала работник без согласност на ЕВН Македонија, да презема електрична енергија, односно потрошената електричната енергија на една фаза не се мерела преку електричното броило, со што предизвикал материјална штета на ЕВН Македонија во износ од 66.647 денари.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднесе кривична пријава против Н.А.(43) од Ранковце поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 19.03.2024 во семејниот дом, пријавениот со тврди предмети и физички ги нападнал неговиот син и неговата невенчана сопруга и им нанел повреди.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Н.П.(19) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 25.03.2024, при преглед на пријавениот, полициски службеници пронашле марихуана, по што пријавениот физички нападнал полициски службеник, а отккао бил приведен во полициска станица оштетил дел од инвентарот.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.С.(49) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „самовластие“ и против Х.М.(29), Т.Е.(30) и Х.М.(27), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање во вршење на кривично дело самовластие“. Лице од Гостивар се договорило со првопријавениот да му посредува за регулирање на документи за добивање на работна виза во странска земја за сума од 2.500 евра. Откако не ја обезбедил визата во договореното време, на 27.02.2024, првопријавениот заедно со останатите пријавени на сопругата на лицето и испратиле порака со заканувачка содржина, по што истиот ден и физички ги нападнале лицето и неговата ќерка.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против Д.С.(63) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. На 26.12.2018 до општина Струга, пријавениот поднел барање за легализација на бесправно изградени објекти, а употребил лажни фалсификувани исправи, купопродажни договори за 41 апартман во комплекс на апартмани во Струга заверени кај нотар од Куманово. Исто така, пријавениот во комплексот на апартмани, во повеќе наврати нелегално издавал апартмани кои не биле во негова сопственост, ниту добивал согласност од сопствениците на апартманите.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ц.П.(50) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „узурпација на недвижности“ и „бесправно градење“.  Пријавената, во текот на октомври 2023 година, во село Маврово, без да обезбеди соодветно одобрение за градба, започнала со градба на објект. миа/миа/

фото: МИА архива

Остани поврзан