• понеделник, 13 мај 2024

„Марели“ има намера да затвори фабрика во Италија

„Марели“ има намера да затвори фабрика во Италија

Рим, 31 октомври 2023 (МИА) - Италијанскиот производител на автоделови „Марели“ објави дека има намера да го затвори погонот во областа Емилија Ромања, којшто се занимава со делови за мотори со внатрешно согорување. Компанијата снабдува десетици автопроизводители, вклучувајќи ги и „Стелантис“, „Фолксваген груп“ и „БМВ“.

„Марели“ се наоѓа на 26. место на листата на најголеми доставувачи во светот, со вкупна продажба на делови за производителите на автомобили од 11,5 милијарди евра во 2022 година. По новите збиднувања со планираното затворање на нивниот погон, околу 230 работници во италијанската фабрика почнаа штрајк.

Познавачи околу автомобилската индустрија во Италија предупредуваат дека оваа транзиција кон електрични возила може да значи губење до 70.000 работни места во земјата.

Фирмата-доставувач посочува дека ова производство станува „неодржливо“ поради најавата на ЕУ да ја забрани продажбата на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување од 2035 година.

„Марели“ беше создаден 2019 година, откако „Фиат крајслер“ - сега дел од „Стелантис“, ја продаде својата компанија за автоделови „Магнети Марели“ на јапонската „Калсоник кансеј“, за 5,8 милијарди евра. Кога беше основана, компанијата „Марели“ имаше 43.000 вработени, од кои 10.000 во Италија.

Италијанската работна сила на фирмата сега е намалена на 7.300. „Марели“ најави и нови отпуштања вон Апенинскиот Полуостров.

Сѐ на сѐ, Италија може да стане една од најтешко погодените европски земји во постојната транзиција кон електромобили. Италијанските доставувачи, според познавачи, имаат способност да ги прифатат новите насоки на производството, но главната закана доаѓа од севкупното помало производство на автомобили. Производството во Италија падна од над два милиони единици во 90-тите на под еден милион денес. Од друга страна, пак, електромобили учествуваат со 3,9 отсто од регистрациите на нови возила во Италија во првите девет месеци од 2023 година - во споредба со 15 отсто низ Европа.  си/

Фото: Марели

Остани поврзан