Луксембуршкиот вицепремиер, Бетел во Косово: Балканот мора да има европска перспектива
- Вицепремиерот и министер за надворешни работи и трговија на Луксембург, Ксавие Бетел, кој допатува денеска во официјална посета на Косово, по средбата со неговата домаќинка, министерката за надворешни работи и дијаспора, Доника Гервала, истакна дека целта на европските земји е да се избегне каква било војна на Балканот, јави дописникот на МИА од Приштина.
Приштина, 4 ноември 2024 (МИА) – Вицепремиерот и министер за надворешни работи и трговија на Луксембург, Ксавие Бетел, кој допатува денеска во официјална посета на Косово, по средбата со неговата домаќинка, министерката за надворешни работи и дијаспора, Доника Гервала, истакна дека целта на европските земји е да се избегне каква било војна на Балканот, јави дописникот на МИА од Приштина.
На заедничката прес-конференција со Грвала, Бетел истакна дека регионот, во догледно време, „мора да има европска перспектива“.
„Познато е дека даваме сé од себе за да избегнеме војна. Ако сме корисни, ќе избегнеме каква било војна и тоа е наша должност. Ова е причината зошто регионот мора да има европска перспектива, но не по 200 години“, рече Бетел, додавајќи дека овој регион „многу страдал од одлуките што ги носеле други“.
Шефот на дипломатијата на Луксембург изјави дека неговата земја секогаш ќе стои покрај Косово, меѓу другото и со милионски инвестиции.
„Тука сум да му помогнам на Косово во различни области и ќе има околу 25 милиони евра инвестиции кои ќе бидат дадени за креативни проекти и во ИТ секторите, бидејќи тоа е важно за вашата економска состојба“, рече Бетел.
Шефицата на косовската дипломатија, Грвала рече дека средбата со нејзиниот колега од Луксембург е можност за продлабочување и билатерална соработка.
„Неговата посета е јасен доказ за продлабочување и билатерална соработка и за зајакнување на нашите поблиски односи. Ова е важен чекор кон одржлива соработка. Луксембург му помогна на Собранието за електронско гласање“, рече Грвала.
По средбата со Грвала, Бетел замина на средба со косовскиот вицепремеир задолжен за европски интеграции, Бесник Бислими, со кого, според најавите, ќе потпише меморандум за разбирање меѓу двете држави. Подоцна попладнево гостинот од Луксембург ќе биде примен и од претседателката на Косово, Вјоса Османи. иа/ссм/