• петок, 28 јуни 2024

Герапетритис во ЕУ ќе предложи формирање заедничка работна група за Блискиот исток

Герапетритис во ЕУ ќе предложи формирање заедничка работна група за Блискиот исток

Атина, 27 мај 2024 (МИА) – Формирање заедничка работна група со учество на министри од арапските земји и од Европската Унија со цел да бидат ефикасни преговорите за итен мир на Блискиот исток, ќе предложи до ЕУ министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија, при пристигнувањето на Советот за надворешни прашања на Европската Унија, рече дека за Блискиот исток, потребен е итен прекин на сите непријателства, ослободување на сите заложници, да се работи на дополнителни хуманитарни коридори, да се работи на решението со две држави, но во исто време и да се зајакне палестинската управа.

-Дополнително, би сакал да кажам дека ќе предложам формирање заедничка работна група, во која ќе членуваат министри за надворешни работи и од арапските држави и од Европската унија, кои ќе можат да им се обратат на двете страни, со цел да се гарантира дека ќе бидат ефикасни преговорите за итен мир. Под овие услови, утре може да биде предоцна, рече Герапетритис.

Посочи дека во време на две војни, „Европската унија мора да преземе дополнителни иницијативи, силни и опипливи, за да ја изрази својата солидарност кон мирот и просперитетот“.

Истакна дека дополнителни иницијативи се потребни и во однос на Украина „за да ја изразиме нашата солидарност“, додавајќи дека не станува збор само војна што се однесува на територијален интегритет или суверенитет, туку е војна „која ја нагласува потребата за доминација на меѓународното право и осуда на секој облик на ревизионизам“. ср/

Остани поврзан