• среда, 15 мај 2024

Во Штип се реализира проектот „Роботика и инклузија на ученици со попреченост во специјалното образование“

Во Штип се реализира проектот „Роботика и инклузија на ученици со попреченост во специјалното образование“

Штип, 9 април 2024 (МИА) - Во рамки на проектот „Роботика и инклузија на ученици со попреченост во специјалното образование“ професори од Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип и експерти партнери во проектот, денеска извршиле презентација на активностите кои одат во насока на подобрување на инклузијата за деца со попреченост во образовниот процес.

Универзитетската професорка Татјана Пачемска-Атанасова истакна дека проектот е дел од Еразмус плус Програмата, а во него се вклучени учениците од Државното средното училиште за лица со посебни потреби „Искра“-Штип.  

-Овој проект е дел од Еразмус плус програмата и Универзитетот „Гоце Делчев“ е партнерска институција, а овде се координаторите, колегите од Франција, како и колегите од останатите четири држави, а тоа се Латвија, Италија, Турција и Грција. Ова  е наш втор состанок, а истовремено е и обука за наставници. Во соработка со нашиот придружен партнер, академијата за СТЕМ роботика, ќе имаме и практични активности поврзани со овие ученици кои имаат специјални образовни потреби. Заедно со академијата за СТЕМ роботика ќе ја презентираме и технологијата која треба да им помогне на овие ученици, изјави Пачемска-Атанасова.

Во следниот период проектот треба да даде придонес во состојбата на добивање поддршка на учениците со попреченост во образованието. УГД е одговорен за делот кој е поврзан со проблемите на учење, разбирање и практицирање математика.

-Овде сме да го направиме концептот и идниот дизајн на роботот кој треба да биде продукт од нашиот проект. Овој робот ќе помогне во поддршка на учењето кај учениците со потешкотии во учењето, изјави проф. Хуарт Роксан, од партнерската институција од Франција.

Во процесот се вклучени и од академијата за СТЕМ роботика од Кочани кои веќе имаат искуство со работа со талентирани ученици. Гордан Анастасов од СТЕМ роботика Кочани истакна дека овој пат треба да го адаптираат процесот на ученици со посебни потреби.

-Едукативата роботика ја применуваме кај талентирани ученици, но имаме обиди и кај ученици кај кои им е потребно помош во совладувањето на материјалите. Токму затоа и ние сме дел од овој процес. Децата ја прифаќаат технологијата одлично и сигурен сум дека овие роботи можат многу да им помогнат, изјави  Анастасов.

Проектот ќе резултира со технологија која ќе им помага на учениците да ги совладаат основните образовни проблеми, но и животните вештини. Денес на настанот присутни беа и дечињата од училиштето Искра од Штип, како и голем број наставници, кои во иднина треба да работат со овие деца. вдј/цр

Фото: МИА 

Остани поврзан