• вторник, 26 ноември 2024

Изложба на Мирослав Масин „Подобро на гранка отколку заглавен во лифт“ во Даут пашин амам

Изложба на Мирослав Масин „Подобро на гранка отколку заглавен во лифт“ во Даут пашин амам

Скопје, 15 мај 2024 (МИА) - „Подобро на гранка отколку заглавен во лифт“ е насловот на самостојната исложба на Мирослав Масин, еден од најеминентните македонски современи сликари, која вечер ќе биде отворена во Даут пашин амам, во Скопје. Изложбата ја сочинуваат 150 дела од сите фази на творештвото на уметникот работени во различни техники.

Директорката на Националната галерија Дита Старова - Ќерими вчера на прес-конференција ја најави изложбата на, како што рече, извонредниот македонски сликар и еден од ретките боеми кај нас, која ќе биде отворена во рамки на Програмата на Националната галерија.

- Изложбата не е само прослава на уметноста, туку и почит кон креативноста, страста, искреноста, доследноста и визијата на уметникот чии дела оставиле неизбришлива трага на нашата македонска ликовна сцена. Националата галерија низ годините покажа голема грижа за валоризација, ревалоризација и презентација на најзначајните македонски уметници од различни генерации, почнувајќи од најстарите основоположнички генерации па се до автори до денешната средна генерација кои имаат значајни остварувања во нашиот визуелен паноптикум. Мирослав Масин е несомнено еден од нив, рече Старова - Ќерими.

Таа меѓу другото ја потенцира и различноста на уметничкиот репертоар на Масин со кој ќе може да се запознае публиката, од мртви природи, портрети до фигуративни фантастични композиции...

- Неговото дело ги надминува границите и зборува универзален јазик кој резонира со сите што го гледаат. Но надвор од платното, наследството на Масин се протега надалеку и на широко. Тој не е само сликар, тој е раскажувач, филозоф и светилник на инспирација за генерациите што доаѓаат. Неговата уметност служи како потсетник на моќта на креативноста да трансформира и да не обедини во нашата заедничка човечност. Оваа изложба ќе биде прослава на извонредното дело на Масин и ќе не поттикне да размислуваме за длабокото влијание што уметноста го има врз нашите животи. Нека оваа изложба не инспирира сите да ја прифатиме убавината што не опкружува, порача Старова - Ќерими.

Уметникот Масин изрази задоволство што може да изложува во еден возбудлив, феноменален простор како што е Даут пашин амам. Сликарството вели, за него е и работа и хоби, големо задоволство низ кое учиш и се себе спознаваш.

-Кога ќе се откриеш самиот себе си, тогаш можеш да се наречеш уметник. Јас себе не се викам се уште уметник. Треба да помине барем еден период на проверка од историјата. Ретки се уметници како Пикасо, ете и јас да се ставам  меѓу нив, лажно нескормен. Но тоа е ретко за време на животот на уметникот. Размислувам кога сум сам, но кога ќе се качам во ателјето се е тоа опуштено и секако тука се сите влијнанија до тој ден, влегуваат преку очите, мозокот, срцето и излегуваат преку раката, вели Масин.    

Кураторката на изложбата Маја Чанкуловска-Михајловска истаклна дека се надева дека публиката ќе ужива во овој, како што вели, мал сегмент од богатото творештво на Масин кој годинава бележи четири децении од својата работа.

Изложбата на Мирослав Масин е дел од Програмата на Националната галерија за 2024 година и е финансиски поддржана од Министерството за култура и од компании спонзори.

Изложбата ќе биде отворена до 15 јуни. вг/

Фото: Национална галерија, плакат

Остани поврзан