• четврток, 20 јуни 2024

Самит Македонија 2025: Повик за мобилизирање на сите ресурси за економски развој

Самит Македонија 2025:  Повик за мобилизирање на сите ресурси за економски развој

Скопје, 15 мај 2024 (МИА) - Потребна е интензивна и темелна акција во наредниот период. Напредокот е бавен и недоволен за да ги постигнеме нашите цели и  неопходни се силни и решителни активности, порача на отворањето на 13. Самит „Македонија 2025“, Никица Мојсовска Блажевски, извршен директор на Македонија 2025.

На повеќето меѓународни рангирања и извештаи, посочи, државава заостанува и зад земјите во регионот и зад аспиративните врсници.  Предизвиците за Македонија покрај ниското ниво на економски развој се и големите геополитички промени кои влијаат на малите економии, како и големиот одлив на мозоци. 

-Се чини дека нови линии на поделба континуирано се развиваат во земјата. Нискиот животен стандард и нискиот квалитет на живот дополнително ја влошуваат поделбата што доведува до битка за тоа кој ќе го зграби поголемиот дел од јавниот колач – јавни вработувања, тендери, злоупотреба на јавните ресурси итн. Етничката поделба е силна и се чини дека навлегува во секоја суштинска дискусија и јавна дебата. Долгата транзиција и отсуството на значаен напредок ги попречуваат нашите погледи кон реалноста и нашата способност да размислуваме долгорочно. Сегашните геополитички случувања дополнително наметнуваат сложеност и неизвесност на целокупното окружување и на расположивиот простор за реформи. Сето ова како и бавниот напредок во приближувањето кон животниот стандард на ЕУ нешто што е цел на секој еден граѓани во оваа држава повикува на интензивна и темелна акција во наредниот период, рече Мојсовска Блажевски. 

Се осврна  на изборните резултати на последните парламентарни и претседателски избори кои како што рече, дадоа силна поддршка за нова политилка опција и нова програма и идеологија. - Меѓутоа, свесни се дека предизвиците  на патот се многу многу големи, потенцираше извршната директорка на „Македонија 2025“.

Го повтори повикот на „Македонија 2025“ за здружување на сите на патот до просперитет преку платформата „Една визија за збрзан раст“.

-Фундаментите на оваа визија се: нулта толеранција за корупција, континуиран раст на БДП над пет проценти, преку зголемени инвестиции во образование, деловни и регулаторни реформи, поддршка на извозот и намалување на сивата економија, квалитена и ефикасна јавна администрација и пристапување во Европската унија. Апелираме и ги повикуваме политички партии, бизнис заедницата, академската јавност и сите граѓани да ги здружиме напорите и ресурсите за создавање подобра иднина. Мора да ги мобилизираме сите наши ресурси денес за да ја обликуваме нашата иднина, рече Мојсовска Блажевски.

 Најави дека „Македонија 2025 ќе ја активира целата своја мрежа и ресурси за да ги поддржи овие принципи кои се фундаментални за забрзан раст. 

Во тек на Самитот ќе се одржат 12 панели со над 50 говорници кои ќе говорат пред 500 гости. 

Идејата на основачите на „Македонија 2025“ е се поддржи развојот на Македонија со тоа што земјата до 2025 година би станала развиена земја, членка на евроатлантските интеграции, односно на НАТО и ЕУ.

Организацијата „Македонија 2025“ минатата година спровела 40 програми во кои биле вклучени над 1500 лица, средношколци, студенти, менаџери, компании.  Од основањето на организацијата досега се спроведени програми за поддршка на економскиот развој во вредност од четири милиони долари.лв/аа/

фото:МИА 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан