Во рамките на „Тиквешки гроздобер“ промовирани „Легенди од Тиквешијата" и „Градска соба"
- „Легенди од Тиквешијата" и „Градска соба" беа промовирани денеска во Куќата на мирис и вкус, што работи во склоп на Музеј галеријата, во рамките на традиционалната стопанско туристичка и културна манифестација „Тиквешки гроздобер" во Кавадарци.
Кавадарци, 7 септември 2024 (МИА) – „Легенди од Тиквешијата" и „Градска соба" беа промовирани денеска во Куќата на мирис и вкус, што работи во склоп на Музеј галеријата, во рамките на традиционалната стопанско туристичка и културна манифестација „Тиквешки гроздобер" во Кавадарци.
За каталогот со легенди и фотографии изработен со финансиска поддршка на Министерството за култура, говореше Марија Михова, кустос историчар во Музејот.
– Дел од легендите и преданијата се пренесувале од колено на колено во Тиквешијата. Ги има за настанувањето на името на градот Кавадарци, како и имињата на областа Тиквеш, реката Луда Мара, Момина карпа и други, појасни Михова, заблагодарувајќи се на луѓето кои низ годините ги собирале легендите и преданијата во регионот.
На настанот беа прочитани и дел од легендите застапени во каталогот, во придружба на звуци од тамбура.
Томе Крстевски, виш кустос етнолог, се осврна на новата поставка во музејот со етнолошки предмети од градска соба од првата половина на 20 век, во која има и постари предмети како и икона од 15 век и оружје од 18 век, сите времено отстапени од семејството на Кирил Цветков од Неготино.
Пред присутните се обрати и директорот на Музејот, Јаким Зимоски. свд/ра
Фото: МИА