Делчево изработува Стратегија за ЛЕР за периодот 2026-2031 година
- Во стратешкиот документ преку партиципативен пристап ќе се одредуваат прироритетните области со визијата и мисијата на Општината, а планирано е да се одржат две работилници
Делчево, 8 април 2026 (МИА) - Општина Делчево го започна процесот на изработка на новиот стратешки документ кој ќе го планира локалниот економски развој за период од пет години. На работилницата присуствуваа претставници од институциите, од граѓанскиот сектор, од бизнис-заедницата и од Општина Делчево, а првата работилница ја отвори градоначалникот Иван Гоцевски.
Гоцевски за Стратегијата за ЛЕР кажа дека е еден од најважните стратешки документи што го планира стратешкиот развој на Општината и претставува јасна визија и насока за економски напредок и подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани.
– Ова не е само административен процес туку заедничка мисија. Мисија да создадеме силна, одржлива, конкурентна, локална економија. Мисија да отвориме нови можности, за вработување, за развој, да ги поддржиме локалните бизниси и да изградиме средина во која младите ќе ја гледаат својата иднина, токму тука, во нашето Делчево. Во овој процес ги вклучуваме сите - стопанственици, институции, граѓански организации и секој поединец кој сака да придонесе е добредојден, истакна Гоцевски.
Изрази уверување дека најдобрите решенија се раѓаат токму од заеднички идеи, дијалог и партнерство се со цел создавање одговорен и инклузивен план.
-Нашата цел е јасна: да ги искористиме потенцијалите што ги имаме, да привлечеме нови инвестиции и да обезбедиме стабилен економски раст кој ќе се чувствува во секое семејство. Затоа, овој стратешки документ за нашата Општина има огромно значење. Документот нуди рамка за развој на нашата Општина во секоја смисла на зборот, нагласи Гоцевски.
Во стратешкиот документ преку партиципативен пристап ќе се одредуваат прироритетните области со визијата и мисијата на Општината, а планирано е да се одржат две работилници. Драфт-верзијата се очекува да биде готова по годишните одмори по што документот ќе биде ставен на јавна расправа, а конечната верзија ќе биде дадена на усвојување од Советот на Општина Делчево. вс/вг/
Фото: МИА