• четврток, 09 април 2026

Велигденски базар утре во Охрид

Велигденски базар утре во Охрид

Охрид, 8 април 2026 (МИА) – По повод големиот христијански празник, Воскресение Господово - Велигден, утре со почеток во 11:00 часот на плоштадот „Вангел Наумоски” ќе се одржува традиционалниот Велигденски базар.

Настанот што е со хуманитарен предзнак, е во организација на Општина Охрид и ЈП „Градски пазар”, а има за цел да го збогати празничниот дух во градот, да ја поттикне креативноста кај најмладите и да ја афирмира хуманоста, солидарноста и заедништвото на заедницата.

На базарот со свои изложбени штандови ќе се претстават основните и средните училишта од градот, ЈОУДГ „Јасна Ристеска”, Младинскиот центар - Охрид, Општинската организација на Црвениот крст, занаетчии, ракотворци, како и производители на традиционална храна и пијалоци.

„Пред посетителите ќе бидат презентирани велигденски изработки, креативни ракотворби, ученички творби и хуманитарни активности“, информираат од Општина Охрид.

Настанот ќе биде збогатен со културно-уметничка програма, со настапи на децата згрижени во детската градинка, на учениците од основните училишта, како и фолклорни ансамбли и културно-уметнички друштва од градот.

Дел од собраните средствата од продажбата ќе бидат наменети за хуманитарни цели, како симбол на солидарност, љубов и грижа за заедницата. аб/вг/

фото/МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан