• понеделник, 23 декември 2024

Во Македонска Каменица одржан завршен настан од проектот ,,Младите можат"

Во Македонска Каменица одржан завршен настан од проектот ,,Младите можат

Македонска Каменица, 20 јуни 2024 (МИА) - Здружението ,,Надеж Норе" од Македонска Каменица го одржа завршниот настан од проектот „Младите можат". Проектот има за цел да се даде придонес кон идентификување и решавање на локални проблеми со користење на пристапот заснован на права. 

Тодор Цонев координатор на проектот од специфичните цели од самиот проект ги напомена препознавањето на младинските потреби и предизвици и нивно решавање и како и формирање на младински Совети во Македонска Каменица и Виница.

-Предвидените резултати кои ги поставивме на почетокот на проектот не успеавме да ги исполниме во целост, исполнивме околу 70 посто од нашите предвидени резултати . Во општина Виница дојдовме при крајот, овие денови ќе се отвори Младинска канцеларија на Младинскиот совет со поддршка од општината. За жал во Македонска Каменица стасавме некаде околу 30 посто исполнивме, донесовме статутарна одлука, изменет е статутот и сега чекаме Општината да преземе мерки и да побара од Советот да се донесе една одлука која ќе значи формирање Младински Совет на Македонска Каменица, истакна Цонев.

Како учесник во проектот очекува по воспоставување на Советот да се придонесе кон вклучување на младите во процесите на креирање на политиките на локално ниво, унапредување на нивната положба во заедницата и градење на капацитетите на младите како идни лидери во Општеството.

-Потребата е евидентна, а очекуваме и едно долгорочно влијание поради тоа што со самото формирање на Локалниот младински Совет ќе имаме формирање на воспоставена правна рамка за долгорочна идентификација и решавање на предизвиците и проблемите на младите, додаде Цонев.

Дел од младите кои учествуваа во работилниците во рамки на проектот очекуваат да профункционира Младинскиот Совет со цел и тие да можат да влијаат врз одлуките кои се донесуваат локално.

-Јас учествував во работилниците на кои разговаравме за потребите на младите. Исто така одлучивме дека сакаме одржлив и функционален базен, исто така одлучивме дека ние треба да бидеме дел од Каменичко културно лето, а најважно од се да заживее кариерниот центар. Сметам дека е важно да се формира Младински совет преку кој ние младите ќе можеме да влијаеме на одлуките кои се донесуваат на локално ниво, истакна Елена Ристова од М.Каменица.

Проектот ,,Младите можат" го спроведува здружението Надеж Норе од Македонска Каменица почнувајки од ноември 2023 заклучно со јуни 2024 година со финансиска поддршка од ЕУ преку Заедницата на инклузивни млади. вс/сст/


Фото: МИА

 

Остани поврзан