Во Виница се одржаа традиционалните Тодорови трки, манифестација што трае еден век
- Општина Виница беше организатор на традиционалните Тодорови трки што денеска се одржаа на фудбалскиот стадион, а на кои учествуваа околу 400 натпреварувачи од предучилишна возраст до пензионери.

Виница, 15 март 2025 (МИА) – Општина Виница беше организатор на традиционалните Тодорови трки што денеска се одржаа на фудбалскиот стадион, а на кои учествуваа околу 400 натпреварувачи од предучилишна возраст до пензионери.
Манифестацијата која има едновековна традиција и е поврзана со одбележувањето на празникот Тодорова сабота, како најава за доаѓањето на пролетта. Годинава поради објективни причини настанот беше поместен за една недела подоцна.
Поддршка во организацијата даде стопанскиот сектор од регионот, а учесниците се натпреваруваа во десет дисциплини во повеќе возрасни категории.
-Оваа манифестација е длабоко врежана и директно поврзана со нашата постоење низ времето, таа е олицетворение на издржливоста, непокорливоста и растежот на генерациите пред нас. Нема ниеден од постарите сведоци на кого во моментот не му се враќаат спомените од далечните години насликани на Тодоровите трки. Со одржувањето на овој настан придонесуваме за негување, афирмирање и популаризирање на културното наследство, додека на младата популација ги пренесуваме духовните, културни и спортски традиции карактеристични за Виница и за верскиот празник Свети Тодор. Сакам јавно да се заблагодарам на сите кои помогнавте и оваа година настанот успешно да се одржува во нашиот град, истакна Миле Петков, градоначалник на Општина Виница.
Интерес за учество имаше во сите дисциплини, а покрај натпреварите во трчање од 80 до 800 метри и возење велосипед, атракција за публиката беше трчањето во вреќа, пренесување јајце во лажица, трка со шише на глава, трчање на патерици, во вреќа и со врзани очи. За победниците во секоја категорија беа обезбедени награди како донација од приватните компании во Виница и Кочани. та/аа/
Фото: МИА