• вторник, 13 јануари 2026

Прилепскиот совет на вонредна седница со заклучоци против дезинформации за мигрантски кампови

Прилепскиот совет на вонредна седница со заклучоци против дезинформации за мигрантски кампови

Прилеп, 17 декември 2025 (МИА) - Прилепскиот совет денеска на вонредна седница донесе заклучоци против, како што се истакнува, дезинформациите за мигрантски кампови и политички манипулации. Советот попладнето ја одржа седницата и донесе заклучоци, меѓу кои се осудува, како што стои во соопштението, лажната кампања и манипулативното дејствување на опозициски политички субјекти, преку кои во јавноста се пласираат невистини и инсинуации за наводно прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови на територијата на општините.

-Се потрдува дека на територијата на oпштина Прилеп нема, ниту било побарано, ниту е договорено, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови, прифатни центри или какви било трајни форми на сместување мигранти. Се изразува поддршка на политиките на Владата насочени кон спречување на нелегалната миграција, заштита на државниот суверенитет и обезбедување стабилност и безбедност во локалните заедници, стои, меѓу другото во заклучоците на прилепскиот совет.

Советниците од СДСМ побараа вонредна седница барајќи одговор на, како што велат „тоа што голем број граќани прашувале околу евентуално згрижување на одбиени баратели на азил од Велика Британија“ и за можните импликации што би произлегле од економски, институционален и безбедносен аспект.

-  Преку конструктивен дијалог ќе размениме мислење и ќе донесеме заклучок во интерес на граѓаните, стои во барањето за вонредната седница од советниците на СДСМ.

Како што се образложува по вонредната седница на прилепскиот совет, со усвојувањето на заклучоците се осудува неодговорниот јавен говор и политичките манипулации кои можат да ги нарушат меѓуетничките односи, толеранцијата и соживотот во општината – вредности кои претставуваат темел на локалната заедница и мора да бидат заштитени од секоја форма на злоупотреба. ем/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан