• вторник, 13 јануари 2026

Новогодишно божиќен базар во Куманово

Новогодишно божиќен базар во Куманово

Куманово, 17 декември 2025 (МИА) - Куманово доби организиран новогодишен пазар на градскиот плоштад, настан што ги обединува локалните занаетчии, малите производители и општинските институции околу заедничка цел, промоција на домашното производство и зајакнување на локалната економија во пресрет на празниците.

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски потенцира дека Општината годинава издвојува околу 500 илјади денари за новогодишно украсување, при што најголем дел од украсите се сопственост на Општината и се користат повеќегодишно.

- Новитет е токму новогодишниот пазар, кој им дава можност на граѓаните да купуваат локални сувенири и производи во празнична атмосфера. Пазарот ќе биде проследен и со богата културно-забавна програма, со настани за најмладите и традиционалното пристигнување на Дедо Мраз, до концерти на домашни изведувачи и познати музички имиња од домашната сцена, изјави Димитриевски.

Целта, како што нагласува градоначалникот, е Куманово да понуди содржински богат празничен период и новогодишниот пазар да прерасне во традиција.

Претседателот на Занаетчиската комора Агрон Фазлији истакна дека интересот кај занаетчиите годинава е значително зголемен што, според него, е резултат на континуираната соработка меѓу Комората и локалната самоуправа. Во изминатиот период, како што посочи, биле реализирани повеќе активности насочени кон поддршка на старите и традиционални занаети, субвенции, саеми за мало стопанство кои постепено го враќаат интересот и довербата кај занаетчиите.

- Овој новогодишен пазар ќе трае 25 дена, ќе биде целосно бесплатен за излагачите и претставува најдолг ваков пазар во државата, изјави Фазлији. Тој додаде дека јавниот повик бил навремено објавен и фондовите биле исполнети со квалитетни локални производи кои ја отсликуваат економијата и креативниот потенцијал на градот.

Димитриевски, претставниците на Занаетчиската комора и советниците ги разгледаа понудите од локалните излагачи. ам/мд/

Фото: МИА и Општина Куманово

Остани поврзан