Бајден се соочува со клучна недела во борбата за неговата кандидатура за реизбор
- Американскиот претседател Џо Бајден се соочува со критична недела која ќе ја тестира неговата положба дома и во странство, додека повиците да се откаже од борбата за втор мандат во Белата куќа се зголемуваат.
Вашингтон, 8 јули 2024 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден се соочува со критична недела која ќе ја тестира неговата положба дома и во странство, додека повиците да се откаже од борбата за втор мандат во Белата куќа се зголемуваат.
Бајден(81) досега им пркоси на повиците да се повлече, по катастрофалната дебата против изборниот ривал Доналд Трамп минатиот месец, што ги ублажи стравувањата дека тој е премногу стар за да биде претседател до 2029 година. Сојузниците предупредија дека треба да направи повеќе за да ја убеди својата партија и јавноста дека, како што тој инсистира, само тој може да го победи Трамп на гласачката кутија.
„Оваа недела ќе биде апсолутно критична“, изјави синоќа демократскиот сенатор Крис Марфи за Си-Ен-Ен.
На лидерите на НАТО, исто така, ќе им треба уверување додека се собираат во Вашингтон на самит оваа недела, при што многу европски земји стравуваат од победата на Трамп во ноември.
По жестокиот ден со настани од кампањата во неделата во сојузната држава Пенсилванија, Бајден нема јавни настани закажани за понеделник, и се очекува тој да се подготвува за самитот.
Првата дама Џил Бајден, жесток бранител на претседателот, треба да води кампања за него наместо во Џорџија, Флорида и Северна Каролина.
И демократските пратеници ќе се вратат од краткиот одмор на Капитол Хил под притисок или да застанат на ред зад претседателот или да го повикаат да се повлече.
Вторник, кога ќе започне самитот на НАТО, може да се покаже како пресвртница: се очекува демократските конгресмени да одржат редовен состанок на пратеничката група, на кој може да се види за несогласувањето што го оптоварува Бајден по интензивирањето на дебатата.
Во последниве денови, пет демократски пратеници јавно го повикаа да се откаже од трката, додека партиските старешини, како што е поранешната претседателка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, изјавија дека прашањата за неговото здравје се „легитимни“.
Во неделата четворица високи конгресмени на разговор со партиските пратеници рекоа дека е време Бајден да се повлече, јавуваат американските медиуми.
Што се однесува до јавноста, следниот голем тест на Бајден пред се понепростливиот сјај на камерите треба да биде прес-конференција в четврток, за време на самитот на НАТО.
Бајден и неговиот тим изгледаат решени при што кампањата откри интензивен распоред за подоцна во јули, вклучувајќи лавина ТВ спотови и патувања во клучните држави.
Но, демократите кои ја изгубиле вербата предупредуваат дека заканата од второто претседателство на Трамп - во кое, меѓу другото, тој се закани дека ќе го таргетира „непријателот внатре“ - го прави влогот превисок за да се преземе какви било шанси.
„Има само една причина“ што трката меѓу Трамп и Бајден е блиска, изјави вчера демократскиот претставник Адам Шиф за Ен-Би-Си.
„И тоа е - возраста на претседателот“.
Од друга страна и букмејкерите драстично ги променија шансите на Бајден и на Трамп по ТВ-дебатата. Пред две недели шансите за победа според нив беа речиси изедначени, но по ТВ-дебатата Трамп е во предност – шанса за победа од 62% додека во моментот Бајден има само 12,5% шанси за победа. зш/
Фото: ЕПА