• сабота, 27 јули 2024

Академскиот хор „Мирче Ацев“ од Скопје настапи во тетовскиот Центар за култура

Академскиот хор „Мирче Ацев“ од Скопје настапи во тетовскиот Центар за култура

Тетово, 3 март 2024  (МИА) - Во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“-Тетово синоќа се одржа концертот насловен „75 години хорска љубов“ на академскиот хор „Мирче Ацев“ од Скопје. Концертот е првата активност дел од годишната културна програма на Центарот за култура поддржана од Министерството за култура.

Хорот во првиот дел изведе композиции од македонски автори, и две современи дела со латинска духовна музика, додека во вториот дел беше изведено вокално инструменталното дело „Псалм Буртника-Книга псалми“. Ова дело прв пат беше изведено во Македонија во декември минатата година, на годишниот концерт на хорот во Скопје, а во светски рамки е трета изведба.

- Вокално-инструментално дело e компонирано од летонскиот композитор Валц Пуцел, во 4 става, поставенo врз текстови од првата книга псалми. Според текстовите на одбрани псалми, ова дело раскажува за тоа како денес луѓето се одделечиле од доблестите, постулатите на владеењето на мир и хармонија во светот околу нас. И се дрзнуваат да се издигнат на ниво на божества со право да одлучуваат за туѓите среќи и судбини, но и дека само со чиста и искрена верба во Бог, во сè што е добро и добронамерно, можеме да искусиме успеси, спокој и мир, изјави диригентката на хорот Јасмина Ѓорѓевска-Каро.

Заедно со хорот во изведба на псалмот учествуваше и камерниот оркестар во состав, Мојса Седу, Есид Аљи, Ана Гештароска, Игор Георгиески. Во продолжение на вториот дел хорот „Мирче Ацев“ изведе забавни песни од Тоше Проески и групата АББА.

Помеѓу двата дела на хорот „Мирче Ацев“ настапи детскиот хор при Државното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ под диригенство на Фотини Георгиадис Кироски.

Академското културно уметничко друштво „Мирче Ацев“ постои од 1949 година. Диригентката Јасмина Ѓорѓевска-Каро, оваа година одбележува јубилеј континуитет 10 години работа со хорот при АКУД „Мирче Ацев“. ас/цр

Фото: МИА 

Остани поврзан