• понеделник, 04 ноември 2024

Мултимедијален перформанс „Во моите чевли“ на Скопско лето

Мултимедијален перформанс „Во моите чевли“ на Скопско лето

Скопје, 27 јули 2024 (МИА) - Во рамки на јубилејното 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“, вечерва ќе се одржи мултимедијален перформанс „Во моите чевли“ во Сули ан, со почеток во 20:30 часот.

Автор и изведувач на проектот е Јована Зајкова, додека костимограф е Соња Геговска – Зајкова.

- Заедно со изведувачот, публиката патува низ палета на различни чевли, кои претставуваат различни карактери, предизвици и гледишта, во внимателен хармонично-хаотичен свет. Оваа приказна во себе содржи многу хумор и дури може да наликува на перформанс наменет за деца. Сепак, во овој лесен и шеговит пристап се крие многу силна порака за отворање на срцето, живеење на животот до максимум и пронаоѓање на убавината во тешкотиите на животот, велат од Дирекцијата за култура и уметност - Скопје.

Авторот и изведувачоте на проектот, Јована Зајкова е професионален танчар и кореограф. Таа ги завршува додипломските студии при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип во 2020 г., каде што се здобива со диплома за современ танчар под менторство на проф. д-р Рисима Рисимкин. Во тек на студиите Јована стажира како дел од Скопје Танцовиот Театар и учествува во голем број изведби на фестивали во земјата и надвор. Таа се појавува како кореограф и изведувач на повеќе авторски проекти, меѓу кои: „Парадоксот на Диоген“, „УПМ“, „Јовано, Јованке“, „Самовили и демони“. Во 2023 г. Јована го кореографира солото „Во моите чевли“ со кое настапува на фестивали во Полска, Србија, Белгија, Германија и Хрватска. Покрај работа како професионален танчар на сцена, во музички спотови и реклами, Јована држи часови по танц и работилници за деца и возрасни. ир/нд/

Фото: Дирекцијата за култура и уметност - Скопје

Остани поврзан