„Чекање“ изложба, на авторката Кристина Божурска во Уметничката галерија во Куманово
- . На изложбата ќе бидат претставени видеа, фотографии, аудио-интервјуа и скулптурални објекти. Делата како што објаснува Божурска се резултат на подолг истражувачки процес кој се занимава со прашањата за колективното чекање и неговото значење.
Куманово 8 април 2026 (МИА) - „Чекање“ е насловена изложбата на авторката Кристина Божурска што ќе биде отворена вечерва во Уметничката галерија во Куманово со почеток во 20:00 часот. На изложбата ќе бидат претставени видеа, фотографии, аудио-интервјуа и скулптурални објекти. Делата, како што објаснува Божурска, се резултат на подолг истражувачки процес кој се занимава со прашањата за колективното чекање и неговото значење.
-Како централна метафора за состојбата на чекање, но и за нејзините потенцијали, ја земам железничката станица во Бељаковце, симбол на неостварената железничка конекција со регионот и пошироко. Пругата и придружната инфраструктура биле изградени во минатото како резултат на колективен ангажман, за што сведочат архивските записи, но и личните приказни на интервјуираните. Аудио-интервјуата се реализирани со луѓе кои редовно ја користеле железничката линија во Бељаковце, како и со поранешни жители на ова место. Тие ги споделуваат своите сеќавања за пругата, а дел од нивните сведоштва ќе може да се слушнат и на самата изложба. Во нивните раскажувања се препознава изразено чувство за заедништво, како и практики на меѓусебна помош и соработка. Во изложбата се вклучени и релјефни отисоци од остатоците на станицата во Довезенце, претпоследната станица на оваа линија, кои дополнително ја нагласуваат материјалната и симболичка димензија на оваа приказна- вели авторката.

Кураторот Кирила Цветковска пишува дека делата ги разложуваат веќе постоечките документации и симболи од повеќедеценискиот процес на обиди за комплетна изградба на железничката пруга.
„Низ разновидни пристапи, од визуелно преосмислување на новинарски формати до различни методи на архивирање, уметницата патува помеѓу физичките железнички станици, личните приказни и политичките ветувања, отсликувајќи истовремено и моменти на заедништво и надеж избришани од сеќавање. Претставувајќи специфични транзитни локации како паралела на општеството во постојана транзиција, Божурска го истражува потенцијалот за откривање на поинакви и повеќе перспективни точки на гледиште“, наведува Цветковска. ам/вг/
Фото Плакат