• петок, 05 декември 2025

Сузана Турунџиева за МИА раскажува усно предание за досега непозната случка од животот на Александар Турунџе

Сузана Турунџиева за МИА раскажува усно предание за досега непозната случка од животот на Александар Турунџе

Војводата Турунџе, погубен пред 120 години: Немаме ништо против мирниот и чесен турски народ; ние се бориме за слобода и живеачка за сите

Скопје, 30 август 2025 (МИА)
- На 30 август 1905, на битолскиот „Ат пазар“, на бесилка е погубен македонскиот национален херој, славниот револуционер и војвода Александар Турунџев. По тој повод, неговата потомка, познатата македонска пејачка и ТВ-водителка Сузана Турунџиева раскажа за МИА, поточно пренесе една малку позната случка од комитскиот живот на големиот Турунџе.

Всушност таа ни ја раскажува случката што и ја пренел еден нап сограѓанин чие хоби е истражувачкото патување. Тој и пишал:

„Добар ден, подолго време се кандисувам да Ви пишам за следново: Пред околу 2 години бев на прошетка во реонот на Костурско и Леринско. Шетајќи, дојдовме до едно помало населено место, односно село, коешто не запомнив како се вика. Во дворот од една куќа имаше луѓе од различна возраст, па викам дај да застанеме да прашаме како понатаму... Добивме одговор во оој правец да се движиме, а кога разбраа дека зборувам македонски, со голема радост ни рекоа да повелиме и да седнеме“. 

- Александар Турунџе имал брат Панде, кој исто така бил војвода. Панде бил дедо на мојот татко (татко на дедо ми), и по него беше крстен мојот покоен брат Панде, вели Турунџиева. - На оваа слика е Панде Турунџев окован во пранги пред битолскиот затвор. Насликан е на голема слика, додаде таа.

Таа потоа ја продолжува приказната, којашто ја нарекува „усмен извор“, за својот славен прадедо, раскажана од патникот.

„Дејствието на настанот се случило веднаш после Илинденското востание. (Александар) Турунџев со четите бил во обиколка... Како што седеле четите во коријата, кај нив пристигнала жена Турчинка - од некое турско село и му рекла: - Војводо, грчки чети сакаат да нѐ запустат, како овци да нѐ исколат - нема кој да ни помогне! Турунџе ѝ рекол: - Седи си раат невесто. Ништо нема да ви сторат! А, на четите им рекол: - Ајде браќа! Да ги видиме „мажите“ кои сакаат мирни луѓе да запустат“, се раскажува во анегдотата. 

Потоа, војводата Турунџе со околу 200 комити од неколку чети направил обрач околу турското село. Па, кога дошле грчките чети поблиску до селото, наместо со лесна цел за грабеж и палеж, биле пречекани од куршуми и бомби. 

- Започнала жестока престрелка, а додека траела борбата, веќе пристигнал и одред од турската регуларна Армија. Кога турските војници увиделе дека комитите бранат турско село, удриле со сета сила на грчките чети од спротивната страна, пренесува Турунџиева. 

Откако тие биле поразена, турскиот командант им се обратил на четата на Турунџе и другите војводи со четите. - Ние ве мислевме за разбојници, а вие спасивте турско село, им рекол. 

На тоа Турунџев одговорил: - Ние немаме ништо против мирниот и чесен турски народ. Ние се бориме за слобода и посакуваме подобра живеачка за сите.

- Заслужува да го наречам ’Супермен’ од она време. Се гордеам премногу што сум негова потомка и што го носам неговото презиме, изјави Турунџиева. 

Таа напоменува оти за оваа случка, усно раскажана, пишани документи - нема. По тој настан, според ова предание чија точност не може да потврди - во знак на благодарност, турскиот командант тогаш наредил - на четите да им се отстапи голема количина оружје и муниција.

По нецели две години, сепак, по предавството од Митре Гинков од село Ајтос, Леринско, османлиската власт го осудила и го погубила славниот македонски војвода Турунџе.  си/

Фото: Википедија, Фејсбук-објави, фотоисечоци.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан