• петок, 06 септември 2024

Љутков во посета на културните институции во Штип

Љутков во посета на културните институции во Штип

Штип, 5 септември 2024 (МИА) - Во добра кондиција е Центарот за култура „Ацо Шопов“, но условите за работа во зградата на Народниот театар Штип се лоши, кровот прокиснува и потребна е итна санација е оценката на Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков по денешната посета на институциите од културата. Министерот за култура и туризам Љутков забележа дека нашата земја и институциите од областа на културата заостануваат во делот на сценската технологија, а исто така овде е и проблемот со кадровската екипарност, во речиси сите институции во земјава.

- Како што можев да приметам и овде во Центарот за култура, а и во Театарот е што кровот прокиснува, веќе ситуацијата е алрамантна овде. Но, аларманта е и состојбата со програмските средства, коишто ги имаат Националните Установи, но и со кадровската екипираност. Навистина тажна е сликата, а го гледате. Се видов и со актерите и со голем дел и од техничкиот и помошно-уметничкиот персонал имаат голема мотивација, елан за работа. Бараат помош и се надевам дека во 2025 година ќе се подобрат состојбите, вели Љутков.

Министерот за култура и туризам најави дека во 2025 година мора да се пополнат работни места во делот на техничката служба, со цел нормално да функционира оваа институција. Директорката на Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип, Кристина Атанасова-Арсова вели дека кадарот е десеткуван, а мора и да се реши проблемот со условите за работа во Театарот.

-Најголемиот приоритетен проблем е прокиснувањето на кровот, како и кадровските решенија околу вработувањата на технички персонал . На овој начин освен проекти финансирани од министерството, ќе може да работиме и од сопствени средства, изјави Атанасова-Арсова.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска имаше средба со министерот Љутков на која му ги презентирал проектите, како и манифестациите кои треба да ги поддржи Министерството за култура и туризам.

-Одредени инфраструктурни проекти кои се белег на нашиот град во соработка со министерството, ние како општина да ги реализираме. Тоа се реставрација на тврдината „Исар“ и куќите во штипско Ново Село, вели Јорданов.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска го посети и археолошкиот локалитет „Баргала“ во Општина Карбинци. вдј/са/

Фото: МИА 

Остани поврзан