• петок, 06 септември 2024

Заврши целосната реконструкција на паркот во дебарската населба Венец еден

Заврши целосната реконструкција на паркот во дебарската населба Венец еден

Дебар, 5 септември 2024 (МИА) - Со пуштање на светилките беше означен крајот на реконструкцијата на паркот во населбата Венец еден, една од најголемите дебарски населби.

- Сметам дека  го вративме, дури и повеќе, изгледот на паркот во оваа населба, на задоволство на граѓаните од оваа населба и пошироко,  кои сега без проблем може да го користат за одмор и рекреација. Без овие активности, кои ги реализиравме со средства од Општинскиот буџет,  присуството во паркот беше несоодветно, па дури и небезбедно, поради големите оштетувањата на опремата на паркот,  рече градоначалникот Хекуран Дука.

Поставени се нови реквизити, клупи и светилки, нови капаци на шахтите, украдени за старо железо, а поставена е и чешма од која посетителите може да користат чиста вода за пиење.

- Паркот доби осветлување и лик како никогаш до сега, но потребна е максимална грижа од сите, да го сочуваме ова добро на нашата заедница. Упатувам апел да не се оштетуваат поставените елементи во паркот и спортските полигони а отпад да се остава во соодветните контејнери на определите места, апелираше Дука.

Паркот, кој е втор по оној во центарот на градот, изграден е пред повеќе од две децении, со поддршка на УСАИД, во населбата, која никна по катастрофалниот земјотрес што го погоди Дебар во 1967 година. 

Освен жителите од оваа, една од најнаселените населби, го користат и жители од другите делови на градот, бидејќи од него се простира видик кон Дебарско Езеро. Во негова непосредна близина е и спортски полигон на кој младите спортуваат кошарка и мал фудбал. вт/

Фото: МИА

Остани поврзан