• петок, 05 декември 2025

Шајн: Со работа, со отвореност, отчетност и искреност да се врати достоинството во Охрид

Шајн: Со работа, со отвореност, отчетност и искреност да се врати достоинството во Охрид

Охрид, 17 октомври 2025 (МИА) – Преку работа, со отвореност, отчетност и искреност – без популизам и без манипулации да се врати достоинството на Охрид и на охриѓани, порача кандидатот за градоначалник на Охрид од СДСМ и Коалицијата, Асен Шајн.

Тој пред медиумите на крајот на изборната кампања истакна дека се бори за истите вредности што ги карактеризираат граѓаните - правда, чесност и напредок за Охрид.

Шајн им порача на гласачите наместо, како што вели, незавршени проекти и нејасни визии, наместо притисоци, уцени и манипулации, поткупи, да изберат локална власт што ќе биде пандан на оние луѓе од градот кои секое утро чесно работат, создаваат и се грижат за својот град.

- Во младите што сонуваат да останат тука, во занаетчиите и семејствата што со труд го носат Охрид напред. Тие се вистинската сила на овој град – скромни, вредни и искрени луѓе што заслужуваат почит и подобар живот. Поради нив верувам дека можеме поинаку – со работа, ред и заедништво,  рече Шајн.

Носителот на советничката листа Јане Тодороски истакна дека овие избори не се само натпревар на партии и кандидати – тие се избор за тоа кој навистина ќе работи за граѓаните на Охрид.

- Советниците не треба да бидат неми гласови во сала. Тие треба да бидат гласот на народот – луѓето што секојдневно се соочуваат со проблеми со водовод, улици, отпад, урбанизам, образование и здравство. Нашата задача е да бидеме ваши очи и уши во институциите, да ги отвориме вратите што предолго беа затворени за обичниот човек, рече Тодороски.

Потенцираше дека секоја одлука што ќе ја донесат ќе биде во интерес на граѓаните, а не на поединци, дека ќе бидат совест на градот – коректив, чувар на јавниот интерес и поддршка за секоја добра идеја, без разлика од каде доаѓа. аб/вг/

фото/скриншот

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан