Франција обвинува за фаворизирање на англискиот јазик во ЕУ
- Франција поднесе жалба против Европската Унија пред Општиот суд на ЕУ поради фаворизирање на англискиот пред останатите јазици, објави „Политико“, наведувајќи дека Париз го обвинува блокот дека некои од новите вработувања во европските институции ги врши врз основа на проценки направени само на англиски јазик.
Брисел, 31 октомври 2023 (МИА) – Франција поднесе жалба против Европската Унија пред Општиот суд на ЕУ поради фаворизирање на англискиот пред останатите јазици, објави „Политико“, наведувајќи дека Париз го обвинува блокот дека некои од новите вработувања во европските институции ги врши врз основа на проценки направени само на англиски јазик.
Според бриселскиот портал, реакцијата на Франција следи откако во процесот на селекција при вработувањето на нови службеници поврзани со секторите вселена, одбрана и економија, биле вклучени тестови само на англиски јазик.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Париз смета дека ваквиот пристап ги фаворизира „англофонските кандидати“ пред нивните конкуренти, како и дека тоа претставува дискриминација и прекршување на договорите на ЕУ, кои предвидуваат дека сите граѓани на Унијата треба да имаат рамноправен третман, без разлика на националноста. Дополнително, и правилата за ангажирање на функционери на ЕУ, исто така, забрануваат дискриминација врз основа на јазикот, освен под одредени услови.
- Тоа ги дискриминира кандидатите кои не се англофони, изјави за „Политико“ француски дипломат кој побарал анонимност, нагласувајќи дека ова не е само „француска борба“, бидејќи и другите земји членки споделуваат иста загриженост.
Според друг анонимен дипломат, француската позиција има поддршка и од други членки на ЕУ, пред се од Италија
- Ова не е позиција против одреден јазик, туку во корист на повеќејазичноста, додаде тој.
Во француската жалба до Општиот суд на ЕУ како пример за „дискриминацијата“ се доставени два огласи за вработување на Европската канцеларија за избор на персонал од оваа и од минатата година, во кои некои од тестирањата биле спроведени само на англиски јазик.
Европскиот општ суд, кој е прва судска инстанца во рамки на Судот на правдата на ЕУ за спорови во кои се инволвирани институциите на Унијата, се очекува да донесе одлука по жалбата во рок од една година, но веќе ги поништи двата огласи за вработување кои се основа за покренување на спорот.
Според Договорот за ЕУ, францускиот е еден од 24-те официјални јазици на Унијата, но неформално, заедно со англискиот и германскиот се смета за еден од трите работни јазици на Европската комисија, како и еден од двата говорни јазици на Советот на ЕУ, заедно со англискиот.
Со вкупно 3.271 вработени во ЕК во 2023 година, Французите се трети по бројност во оваа институција на ЕУ, веднаш по Италијанците и Белгијците.
Како што наведува „Политико“ иако употребата на англискиот јазик е нашироко распространета во институциите ЕУ, Франција „никогаш не се откажа од надежта дека бриселската администрација зборува и француски“. сп/
Фото: МИА Архива