„ФИФА 23“ привлече 10,3 милиони играчи во првата седмица од објавувањето
- Бројката од 10,3 милиони играчи не значи дека сите ја купиле видеоиграта, бидејќи имаше можност и за проба преку претплата на „ЕА плеј“.
Лос Анџелес, 13 октомври 2022 (МИА) - Во првата недела од објавувањето, видеоиграта „ФИФА 23“ привлече 10,3 милиони играчи, што е рекорд во серијата на оваа видеоигра, но и рекорд во спортскиот жанр на видеоигри. Нејзиниот претходник, „ФИФА 22“, претходно го држеше рекордот со 9,1 милион играчи за првите седум дена.
Бројката од 10,3 милиони играчи не значи дека сите ја купиле видеоиграта, бидејќи имаше можност и за пробно играње преку претплата на „ЕА плеј“. „Одѕивот на обожавателите е неверојатен. Возбудливо е да се гледа како заедницата игра ФИФА 23 во рекорден број. Светските фудбалски првенства за мажи и жени се веднаш тука, а ние штотуку почнуваме да го нудиме најавтентичното фудбалско искуство на уште повеќе играчи“, објави „Електроник артс“ - компанијата што ја произведува оваа серија видеоигри. „ЕА“ потсетува и дека во играта се присутни над 19.000 играчи, а изборот вклучува 700 клубови од 30 лиги од цел свет. си/сд/