• петок, 22 ноември 2024

Психологијата на малиот кус страв и смеата потоа

Психологијата на малиот кус страв и смеата потоа

Архус, 4 ноември 2024 (МИА) - Нова теорија ја објаснува онаа кратка и „слатка“ смеа откако некој безопасно ќе нѐ исплаши до скокање. Без оглед дали станува збор за познат или непознат човек кој „од никаде“ се појавува пред или околу нас, или ако случајно се заплеткаме во безопасна пајажина, повеќето од нас во еден миг биле жртва на тн. „страшна шега“.

Научниците од Универзитетот на Архус, Данска, се обидуваат да дадат објаснување - зошто малиот страв толку често е придружен со смеа? Прилично застапено објаснување е тоа дека хуморот е еден вид изненадување. За споредба, успешните шеги, честопати, во својот развој поставуваат очекувања коишто, всушност, до крајот се поништуваат. Истражувањето е објавено во стручното списание „Еволушинари сајколоџи“ (Evolutionary Psychology).

- Проблемот со таа теорија е што за нас, смешни се и работи што не се толку изненадувачки, а има и многу изненадувања што воопшто не ни се смешни, вели д-р Марк Хје-Кнудсен и истражувач за хумор од Данска.

Има и друга, неодамна развиена теорија што вели дека хуморот бара и нарушување на нашето чувство за тоа како светот „треба да се одвива“ и речиси истовремена проценка дека ова нарушување е безопасно.

Ваквите отстапувања од нормата може да имаат многу различни облици - од кршење на јазичните норми во игра на зборови и саркастични потсмевања, па сè до кршење на општествените норми кога се исмева некого (себеси или друг /-и) заради хумор. Д-р Хје-Кнудсен и неговите колеги претпоставуваат дека нешто слично може да го објасни и страшливиот шок што скоро веднаш е проследен со смеа.

За да го истражат ова, научниците проучувале искуства со малите деца и популарната игра „peek-a-boo“ (којашто на македонски јазик се нарекува „Ѕе“). И тука, криењето на почетокот изгледа вознемирувачко, но ѕиркањето потоа станува смешна шега. Земен е предвид и теренски експеримент спроведен во наводна „опседната куќа“.

Споредбата открива дека испитаниците се насмеале или се смешкале откако биле исплашени - во три четвртини од случаите.

- „Знаменитости“ како што се опседнети куќи и хорор-филмови намерно „ги потопуваат“ гледачите во своите измислени светови за да ја зголемат нивната општа состојба на страв, што ја зголемува веројатноста за изненадување. Но, тоа запрепастување веднаш ги извлекува од тој наративен свет, па набргу се чувствуваат безбедно откако ќе ја проценат случката како бенигна, објаснува докторот.

Тој вели и дека мора да ја познавате вашата публика за да може добро да ја исплашите или насмеете.

- Кога гледате видео на коешто некој кого не го знаете е жртва на „страшна шега“, некој можеби нема да го забележи тоа како некаква „навреда“ затоа што тој „некој“ не им е близок... Така и „инернет-шегобијците“ мора да ги зачинат своите шеги за да добијат посилна реакција, појасни д-р Хје-Кнудсен.

Научниците веруваат дека овие наоди може да им одржат лекции на шегаџиите кои планираат да исплашат некого.

- Главната лекција би била: Треба да знаете која е вашата публика и соодветно да ги приспособите вашите шеги за Ноќта на вештерките. Не може да се облечете како сериски убиец и да се криете во плакарот на некоја баба. Од друга страна, не е доволно само да му кажете „Бу!“ на пријателот. Мора да предвидите кое ниво на страв само малку ќе ја надмине границата на вашата цел, за тој / таа да може да се смее потоа, истакна Хје-Кнудсен.

Тој препорачува и да се избегнува претерано исмевање и потсмевање. Поточно: „Напаѓајте“ со ненавредливи шеги.

Д-р Колтан Скрајвнер - психолог од Данска, кој не бил вклучен во истражувањето, се согласува со новото истражување. Испитувајќи ја психологијата на „авантуристите кои сакаат да се плашат“ заради смеа и забава, тој заклучил дека тн. „опседнети куќи“ и сл. се доживуваат како забава само ако количината на искусениот страв е умерена и соодветна.

- Многу луѓе, вклучително и глумците, мислат дека повеќе страв е секогаш подобро за личноста која се плаши. Сепак, истражувањата покажуваат дека тоа не е така. Наместо тоа, луѓето ја бараат тн. „слатка точка“ на стравот, каде што забавата е максимум. Ова, исто така, посочува дека хуморот може да биде една од алатките што глумецот или шегаџијата може да ги користи или поттикна, за да им помогне на луѓето да стигнат до таа точка, вели Скрајвнер.

И тој нагласува оти секој човек има различна „слатка точка“ на страв. Така, мора да се знае дека ист вид „страшна шега“ не одговара на сите луѓе.  си/ссм/

Фото: МИА архива

Остани поврзан