• петок, 10 мај 2024

Ученици обезбедија грејно - разладно тело за социјално загрозено семејство во Кавадарци 

Ученици обезбедија грејно - разладно тело за социјално загрозено семејство во Кавадарци 

Кавадарци, 2 мај 2024 (МИА) - Ученици обезбедија грејно - разладно тело за социјално загрозено семејство во Кавадарци, во рамки на активностите од програмата за промоција на хумани вредности, информираше денеска Димитар Каракулев, претседател на Општинската организација на Црвениот крст.   

- Младите волонтери во нашата хуманитарна организација реализираат неколку проекти, станува збор за платформата „Црвен крст во акција, промоција на хумани вредности". Во случајов се работи за основците од Основното општинско училиште „Гоце Делчев", здружени под името „Подари насмевка". Ваквата нивна цел произлезе од нивното истражување и како приоритет, да се помогне некое семејство, во рамките на нивната проценка за сопствените можности, да соберат парични средства за такво нешто, појасни Каракулев. 

Тој додаде дека младите хуманитарци успешно ја завршиле целата работа благодарејќи и на поддршката од нивните соученици и вработени во воспитно - образовната установа. 

- Беа организирани повеќе настани на кои се собираа парични средства од донации, детски забавни игри , продавање крофни и зашеќерени јаболки на плоштадот во градот, организирање Велигденски базар и пешачка тура до месноста Љубаш. Истовремено, беа испратени и писма за донации во неколку маркети, при што се добија храна и средства за хигиена, донација за семејството. Од сите  активности, овој тим на млади хуманитарци успеа да обезбеди средства за купување инвертер клима уред, што на семејството ќе му користи и во зима за затоплување на просторијата и во лето за разладување, соопшти Каракулев. 

Тој упати благодарност до сите учесници во оваа хуманитарна акција. 

Дисеминатор на ЦКА-ПХВ програмата за сите училишта е Даниела Лазовска, волонтер во ОО Црвен Крст Кавадарци.

- Морам да нагласам дека со реализираните проекти со млади, изминатата година како општинска организација, го зазедовме првото место во државата, подвлече Каракулев. свд/цр


Фото : Црвен крст Кавадарци
 

Остани поврзан