• недела, 22 декември 2024

Џафери: Составот на идната влада е работа на преговори меѓу политичките субјекти коишто добиле мандат

Џафери:  Составот на идната влада е работа на преговори меѓу политичките субјекти коишто добиле мандат

Скопје, 10 мај 2024 (МИА) - Фокусиран сум на обврските на Владата што ја водам чиј мандат е до избор на новата влада. Составот на идната влада е работа на преговори меѓу политичките субјекти коишто добиле мандат, вели премиерот на Техничката влада Талат Џафери.

-Ќе видиме според калкулациите како ќе бидат разговорите меѓу субјектите. Јас сум фокусиран на обврските на составот на Владата што ја водам. Впрочем, мандатот на оваа владае до избор на нова. Работата на конфигурација на идната влада е работа на преговори меѓу политичките субјекти коишто добиле мандати во Собранието по изборите одржани на 8 мај, така што по ова прашање треба да се очекува резултат од таму, рече Џафери на денешната прес - конференција во Владата по повод 100 дена Техничка влада, одговарајќи на новинарско прашање дали може да се очекува уште еден негов мандат како премиер бидејќи Европскиот фронт очекува да влезе во составот на идната влада, 

Прашан дали ДУИ е подготвена да оди во опозиција откако ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да формира влада со Европскиот фронт предводен од партијата од која и тој доаѓа, Џафери упати за одговор на органите на партијата.

-Јас сум премиер и размислувам за мандатот којшто треба да го завршам. Тоа е прашање за органите на партијата. Другото е прашање на исходот на сите преговори за состав на нова влада, вели техничкиот премиер Џафери.

Прашан за коментар за изборниот процес и дали беше спроведен тивок бојкот за претседателските избори, техничкиот премиер вели тој и ДУИ ниту повикале ниту мотивирале за бојкот, туку било оставено на граѓаните да гласаат по сопствена волја.

-Да, и кандидатот за претседател и претставниците на фронтот, и субјектот, конкретно ДУИ, сме оставиле на слободна волја на граѓаните да ја изразат волјата на избирачкото место и во изборната кутија. Поединечните, индивидуални ставови не може да се претставуваат и да се заклучуваат како општи генерални ставови на субјектот, односно на фронтот воопшто. Впрочем, во моето родно место кандидатката сега веќе избрана за претседател со мнозинство имала 100 гласа, провикандидатот експретседателот 127 гласа, тоа е волја на граѓанинот, вели Џафери.

На прашањето да го искоментира во тој контекст видеото објавено од вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби каде тој гласа само со едно избирачко ливче, Џафери вели дека Груби не е ниту влада, ниту е партија, туку дека е тоа негов индивидуален став. 

-Јас имав изјава истоветно како премиер на избирачкото место по гласањето, впрочем и потврдив дека и самиот сум гласал и сум ги земал двете ливчиња, така што индивидуалниот став не е општ став по којшто може да се констатира и да се извлече заклучок. Министер е, нека си министер, индивидуа е по однос на Владата, не е став на Владата, индивидуален е ставот, не е став на партиски органи, ниту на фронтот, ниту пак е став на Владата. Индивидуално може секој да каже што сака да каже, тоа е слобода и на мисла и на изразување. По однос на слободата на мисла и на изразување не можете да повикувате на одговорност. Од една страна барате слобода, од друга страна за таа слобода барате одговорност. Епа не може и едно и друго, тоа е работава. вг/нд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан