• понеделник, 23 декември 2024

Туристичките капацитети за празниците исполнети до 80 отсто

Туристичките капацитети за празниците исполнети до 80 отсто

Скопје, 29 декември 2024 (МИА) - Домашните капацитети во Скопје, Охрид, Крушево, Дојран и Битола, но и во зимските центри, за новогодишните и божиќните празници ќе бидат исполнети 70 до 80 отсто. Ова е оценката на Љупчо Јаневски, кој до пред два дена беше директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ). 

Во разговор за МИА, направен пред да поднесе оставка од функцијата, Јаневски ги коментираше актуелните состојби, но и проекциите за наредниот период. Рече дека во 2024 година очекува донесување на стратегијата за туризмот, прераснување на Агенцијата за туризам во министерство, создавање туристичка инспекција и туристичка полиција, како и дигитализација на секторот преку е-платформа која ќе овозможи, како што истакнува, реално планирање и објективни бројки, намалување на сивата економија и нов инвестициски циклус.  

Јаневски, како што изјави за МИА, поднесе оставка од лични причини. 

АППТ треба да израсне во национална туристичка организација, а не да биде дел од некое министерство во кое ќе се зголемува само административниот апарат, дециден е Јаневски.

Според Јаневски, на Северна Македонија и се неопходни стратегиски чекори во туризмот кои ќе ги убедат инвеститорите дека наредните десет години оваа наша индустрија ќе оди во континуиран раст.  

Тој забележува дека туризмот во земјава се уште не се третира еднакво со останатите економски гранки, а еден од показателите за тоа, напоменува, е повторно намалениот буџет на Агенцијата. 

Меѓу приоритетните сегменти за развој на туристичката индустрија, Јаневски ги посочува алтернативниот и ено-гастро туризмот. Подвлекува и дека земјава е дефинитивно дестинација за четири сезони. 

-Во овие два сегмента гледам огромен потенцијал. Алтернативниот и ено-гастро туризмот ни се силна страна и тоа се покажа изминативе години. Сепак, мора да развиваме стратегија и тука. Сега понуди имаме, но само за еднодневни екскурзии. Потребни ни се поголем број сместувачки капацитети, па наместо еднодневни, да имаме дводневни или повеќедневни аранжмани. Добро е да се додаде и дека 70 - 80 отсто од услугата таму е од локалното население, што значи можност за нови работни места и локален економски развој. Имаме идеални услови, но мора да ги искористиме, а тоа не може без државна стратегија, нагласува Јаневски.  

Тој потсетува и дека нашиот ено-гастро концепт е уникатен. 

Дополнителна поддршка за македонските тур-оператори кои во својата програма за 2021 година ќе ги стават домашните туристички центри, предлага Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (А

-Со 225 винарии, повеќе од 1 000 различни етикети и вински рути, навистина можеме да ги развиваме руралните средини. Во наредните 5 – 10 години повеќе од 200 000 – 300 000 ноќевања може да донесе ено-гастро концептот во руралните средини и да отвори нови капацитети. Во однос, пак, на алтернативниот туризам, не се доволни само нашата географска положба и предусловите за развој. Мора сериозно да работиме на понудите и тука, на пример, националните паркови треба да ги гледаме како голема можност. Еве, Скопје на само 40-на километри ја има Попова Шапка што е добра опција за викенди. Би потенцирал и дека големиот број велоспиедски и планинарски патеки се доволен мотив за туристите да не посетат, укажува Јаневски. 

Во разговорот, тој се осврнува и на туризмот во општините. Оценува дека поголемиот дел од нив се уште не го перципираат како економска гранка која може да влијае многу врз локалниот економски развој. 

-Се уште голем број општини оставаат туризмот да се случува стихијно, без да ги знаат бројот на ноќевањата и бројот на туристите во нивните сместувачки капацитети. Низ годиниве често можевме да сретнеме некатегоризирани капацитети, а тоа го забележа и Светската туристичка организација која ја издвои сивата економија на Западен Балкан со ниво од 40 - 45 отсто, вели Јаневски. 

Неговите очекувања се дека вкупните бројки за 2023 година ќе покажат до 590 милиони долари реализиран промет од туризмот. 

-Тоа е преку четири проценти од БДП и, би рекол, рекордно ниво, голем успех. Ние веќе не зборуваме за опоравување на туристичката индустрија, туку за сектор што е во полна кондиција. Но, од друга страна, повторно ќе кажам, загрижува намалениот буџет на Агенцијата зашто тоа ќе се одрази врз нејзините сушитнските активности. Во претстојните години, ако тоа не се смени, и покрај нашето залагање, и покрај нашите максимални напори за промоција, Северна Македонија како туристичка дестинација ќе каска зад другите регионални дестинации, потенцира Јаневски. 

Ако во 2023-та земјава евидентира раст од 50-60 отсто на турските туристи и за 30-40 проценти зголемување на ноќевањата на српските гости за што посебно придонесоа новите линии Белград - Охрид и Белград – Скопје, догодина, најавува Јаневски, пик треба да достигнат германскиот, холандскиот и полскиот пазар.  

Мирјана Чакарова

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан