• недела, 24 септември 2023

Се градат подвозници и пристапни патишта на пругата Куманово-Бељаковце

Се градат подвозници и пристапни патишта на пругата Куманово-Бељаковце

Куманово, 28 мај 2023 (МИА) -  Градежните активности на терен во Куманово и на целата траса на пругата од станицата Куманово до станицата Бељаковце досега се одвиваат со планираната динамика, информираат од Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија за МИА. Вкупната должина на железничката пруга што поминува на подрачјето на Куманово изнесува 12, 5 километри.

Како што појаснуваат од претпријатието, изведувачот паралелно работи на повеќе локации и објекти, надвозници, санација на косини, чистење на одводни канали и пропусти, станични згради во станиците Ново Куманово, Шупли Камен и Бељаковце. Во почетна фаза од изградбата се подвозниците и пристапните патишта.

Дел од активностите се одвиваат во густо населено подрачје. Една од трасите поминува низ населбата Бавчи, над маркетот до Спомен костурницата. Таму општината предвиде изградба на улица, но поради стратешкиот проект ќе почека на реализација. Од општина Куманово информираат дека за овој дел од изградбата на стратешкиот и национален проект веќе се одржани средби со претставници на претпријатието.

- Претставници од општина Куманово неколку пати досега остварија средби со претставници на ЈП ЖРСМ Инфраструктура, во врска со железничкото поврзување кон Бугарија, на делницата Куманово – Бељаковце и се во постојана комуникација. Населението од населбата „Перо Чичо“ има средби со претставници од ЈП ЖРСМ Инфраструктура каде ги претставуваат своите потреби и барања. Во овој дел од градот е предвидена изградба на звучен ѕид, а што се однесува до расчистување на депонијата во тој дел, која веќе неколку пати е санирана, континуирано се одржуваат акции за нејзино чистење. Акциите сè со цел зголемување на свесноста кај граѓаните за чиста животна околина, велат од општина Куманово.

И од претпријатието наведуваат дека планираниот надвозник во населбата „Перо Чичо“, е во завршна фаза и ќе овозможи лесна и безбедна комуникација на населбата со останатиот дел од градот. Оттаму потенцираат дека основна задача на изведувачот е да се грижи за безбедноста и здравјето на работниците кои ги изведуваат градежните работи, но и на населението и сите засегнати страни надвор од градилиштата.

- Надзорот редовно ја следи работата на изведувачот во поглед на запазување на сите безбедносни процедури при изградбата. ЈП ЖРСМ Инфраструктура исто така ги поддржува изведувачот и надзорот во нивните напори да се обезбедат безбедни градилишта кои нема да имаат негативно влијание на имотот и населението во општина Куманово, велат од претпријатието.

Во Куманово пругата поминува и кај селото Лопате. Жителите од овие населени места комуницираат со претставници од ЈП ЖРСМ Инфраструктура, во врска со нивните барања.

- Градежни активности се планирани и во село Лопате каде железничките пруги од коридор 8 и коридор 10 се вкрстуваат со регионалниот пат кој води кон селата Липково и Опае. И во овој дел е предвидено ново техничко решение – надвозник и девијација на постојана траса на регионалниот пат за која е надлежно ЈПДП, велат од општината.

Од Јавното претпријатие за железничка инфраструктура укажуваат дека во Лопате градежните активности сè уште не се започнати, бидејќи изведувачот работи на подготовка на техничката документација. Во однос на изградбата на делницата и заштита на веќе изградената патна инфраструктура, од претпријатието укажуваат дека обврска на изведувачот е пред почетокот на градбата да ја сними состојбата на патиштата по кои ќе се движи механизацијата во тек на изградба на објектите, да си грижи и по завршување на работите да ги отстрани сите оштетувања предизвикани од движењето на механизацијата.

-Сепак, врз основа на барањето на општина Куманово, ќе се формира комисија составена од претставници на изведувачите, надзорот, инвеститорот (ЈП ЖРСМ Инфраструктура) и Општина Куманово со цел утврдување состојбата на патиштата, велат од претпријатието.

На делницата Куманово-Бељаковце, покрај станиците Ново Куманово, Шупли Камен и Бељаковце предвидени се повеќе стојалишта во населените места Лопате, Перо Чичо, Проевце, Доброшане, Клечовце и Довезенце на кои е предвиден пристап на лицата со попреченост.

-Изведувачот на градежните работи се поттикнува да вработува локално население и ангажира локални фирми во фаза на изградба, но секако, и подоцна – во фаза на експлоатација ќе има потреба од вработување на лица кои ќе работат во функција на непречено одвивање на железничкиот сообраќај, со изградбата на пругата ќе се отворат повеќе можности за развој на стопанството и истото ќе има поволен импакт за развој на општина Куманово, велат од претпријатието.

На 29 октомври лани, по пауза од две години, повторно стартуваа работите за изградба на железничките делници Куманово-Бељаковце  (31 километар) и Бељаковце-Крива Паланка (34 километри). За првата делница во вредност од 40,5 милиони евра е ангажиран „Штрабаг“, за втората која ќе чини 155 милиони евра „Ѓулермак“. За третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија која е во должина од 24 километри треба да биде објавен тендер за избор на изведувач. 

Вкупната должина на  трите проектирани железнички делници на источното крило на Коридорот 8  е 89 километри, а проектираната пруга на западното крило на коридорт на потегот од Кичево до границата со Албанија е 63 километри.

Александра Максимовска 

Остани поврзан