• недела, 22 декември 2024

Мицкоски од Кавадарци: Овие избори се последна шанса за спас

Мицкоски од Кавадарци: Овие избори се последна шанса за спас

Кавадарци, 26 април 2024 (МИА) - Гласајте за број два, така гласате за иднина. Ова не е Македонија што ја сакаш, ова не е Македонија што ја заслужуваш. Овие избори се последна шанса за спас, шанса во која можеш да веруваш, избор во кој мора да учествуваш. На овие избори претставуваме светилник на надежта - сериозна, најдобра изборна програма досега, истакна лидерот ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Кавадарци. 

Народот е определен, рече тој, бидејќи, како што нагласи, досега имало назадување во сите сфери, животен стандард под секое ниво, од другата страна имало губитнички сценарија. Македонија е во прашање, подвлече тој, и апелираше да не се дозволи нова уставна криза. Притоа се осврна на конкретните мерки што ги нудат во повеќе области, меѓу кои и фронт против корупцијата. 

Мицкоски посочи како ништо не функционира и дека институциите не се во корист на граѓаните. Тој рече дека овие денови во спротивната страна биле силно ангажирани, како што нагласи, на две сценарија, за кои, рече, дека во суштина се завера против Македонија.

-Првото е сценарио на бојкот. Второто сценарио е пазарџиска делба со ДУИ на ресори и министерства, при што Ковачевски оставил на Ахмети сам да одреди колку министерства ќе му остави на СДСМ. И двете сценарија се губитнички за Македонија и удираат по нејзините основи, кажа Мицкоски.

Тој заклучи дека решението за сето ова е масовна излезеност на 8 мај.

-Мобилизација и масовна излезеност. Решението и за бојкотот и за пазарџиската поделба на ресори е само едно масовно гласање на избори. Колку повеќе гласаат, толку поголема ќе биде силата за промени, рече Мицкоски.

Дека многу е важно да се земе активно учество во овие избори, тој порача и од Неготино. Мицкоски додаде дека Владата е делегитимирана и треба да одат во опозиција и СДСМ и ДУИ. 

Во Неготино тој алармираше и предупреди на информации што дошле до него. 

-Банди од ДУИ обиколуваат граѓани. Ќе се обидат да го купат гласот, ќе се обидат ДУИ да има пратеник во изборните единици 3 и 4. Секој бандит кој ќе нуди пари, практично ви нуди ваши пари, украдени од вас. Предупредувам да не биде дека не сум кажал. Мои браќа и сестри се сите граѓани, но нема простор за криминалците. Тие знаат што ги чека. Јас нема да правам пакт со криминалот, туку ќе го истребам. Мора да има одговорност за криминалот, порача тој. 

Носителот на листата за кандидати за пратеници на  ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 4, Александар Николоски, на митингот  во Кавадарци, упати прашање до Пендаровски, дали ќе ги користи или нема да ги користи привилегиите кои ги следуваат поранешните претседатели. 

Тој истакна дека на 8 мај треба уште помасовно да се излезе, во уште поголем број и разликата во Кавадарци да е уште поголема и додаде дека е потребна масовна референдумска излезеност на 8 мај, за Влада што нема да е уценувана од никого, за СДСМ во опозиција, за ДУИ во опозиција.

-Ќе реализираме и експресен пат од Кавадарци до Неготино и спојување на Кавадарци со автопатот. Ќе реализираме и отворање на граничен премин со Грција како би станало многу блиску да се патува помеѓу Кавадарци и Воден и да се спојат овие два дела на географска Македонија. Ќе ги помагаме земјоделците, за лозарите достоинствени цени за виното и рестартирање на „Повардарие“ како би се срушил монополот во откупот на грозје и производството на вино, подостоинствен живот за сите, повеќе субвенции и повеќе ред за сите. Затоа на 8 мај масовно да излезете, дециден беше Николоски.

Во Неготино, тој кажа дека предвидуваат и изградба на обиколница околу Неготино, завршување на гасификацијата и гасификација на ТЕЦ Неготино, како и најдостоинствени цени за лозарите, за откуп на грозјето, што ќе значат достоинствено и зголемено производство.

Николоски нагласи дека деновиве има сознанија за влијание на граѓаните и притисоци, уцени и закани, како и нудење за поткуп, укажувајќи дека ќе има одговорност и за ова, но и за тендерите за мазут.

-Ќе се одговара за криминалот и корупцијата во ТЕЦ Неготино, ние баснословната набавка на мазут нема да ја заборавиме, ни првата, ни втората. Ние нема да заборавиме како беа штелувани условите за да не може да се пријави никој друг освен оној што го доби тендерот, рече Николоски.

Пред присутните во Кавадарци, се обратија и кандидатите за пратеници, Весна Ѓорѓиева и Зоран Јованчев. свд/вј/

Фото : МИА 

Остани поврзан