• петок, 28 јуни 2024

Северна Кореја известува за успешен ракетен тест, Сеул го оспорува тврдењето

Северна Кореја известува за успешен ракетен тест, Сеул го оспорува тврдењето

Сеул, 27 јуни 2024 (МИА) - Северна Кореја тврди дека успешно тестирала ракета способна да носи повеќе боеви глави, наведуваат денеска државните медиуми, иако овие тврдења беа отфрлени од Јужна Кореја како неточни и претерани.

Државната агенција KCNA извести за успешен тест на „нова важна технологија“, пренесува ДПА.

Но, портпарол на Јужнокорејскиот Здружен штаб им рече на новинарите во Сеул дека тест ракетата, истрелана од Северна Кореја претходниот ден, експлодирала во раната фаза на летот.

Северна Кореја, која е широко изолирана и под водство на Ким Џонг Ун, е подложна на меѓународни санкции поради нејзината нуклеарна програма и ракетен развој.

Последниот ракетен тест беше детектиран од јужнокорејската војска. Според нив, непознатата ракета летала околу 250 километри кон исток пред да експлодира над отворено море.

Севернокорејските извештаи тврдат дека тестот го користел првиот степен на мотор од ракета со среден дострел и цврсто гориво. Неколку мобилни боеви глави биле одделени и „правилно насочени кон трите координатни цели“, напиша KCNA. Исто така, бил употребен и лажен објект.

Тестот имал за цел да ја обезбеди способноста наречена MIRV, односно повеќекратно независно насочувани возила за враќање - што значи дека ракетата може да биде опремена со повеќе боеви глави кои можат да бидат насочени кон различни цели.

MIRV ракетите се тешки за пресретнување од системите за ракетна одбрана. Неколку земји поседуваат вакви ракети, вклучувајќи ги нуклеарните сили на Соединетите Американски Држави, Кина, Русија, Британија и Франција. Индија тврди дека во март тестирала меѓуконтинентална ракета со MIRV технологија.

И покрај санкциите, Северна Кореја со години го развива ракетниот развој, особено нуклеарните ракети. Комунистичкото раководство ги гледа САД и Јужна Кореја како свои главни непријатели, наведува ДПА. ссм/

фото: архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан