• сабота, 21 декември 2024

Во Кенија насилни протести против зголемувањето на даноците, војската излезе на улиците

Во Кенија насилни протести против зголемувањето на даноците, војската излезе на улиците

Најроби, 28 јуни 2024 (МИА) - Судот во Кенија вчера ја одобри одлуката за испраќање војска за поддршка на полицијата, додека продолжуваат протестите против контроверзното зголемување на даноците што владата вети дека ќе го повлече.

Додека вчера можеа да се видат оклопни воени возила во Најроби, судот во вечерните часови одлучи дека распоредувањето на армијата одобрено од парламентот е легално со оглед на избувнувањето на насилството за време на протестите кои полицијата не успеа да ги стави под контрола.

Судот ја одби жалбата на здружението на адвокати. Сепак, судијата Лоренс Мугамби предупреди на „опасен тренд“ што може да доведе до милитаризација на земјата. Тој рече и дека распоредувањето на војската може да го заплаши населението.

Затоа, тој побара од владата во рок од два дена прецизни информации за обемот и времетраењето на акцијата.

Странските агенции јавуваат дека атмосферата во Најроби вчера била напната. Демонстрантите планираа да маршираат до официјалната резиденција на претседателот Вилијам Руто, но не можеа да го сторат тоа бидејќи полицијата ги опколи пристапните патишта.

Низ градот е распореден полициски и воен персонал, а блокирани се и улиците околу парламентот.

Првите демонстранти се собраа напладне во центарот на Најроби, а телевизиските снимки покажаа дека полицијата употребува солзавец и пука. Протести, наводно, биле одржани и во други кениски градови.

Насилни сцени во Кенија меѓу демонстрантите и полицијата избија минатата недела поради масовните протести поради плановите на владата да собере 2,7 милијарди долари преку дополнително оданочување за да се намали огромниот јавен долг на Кенија.

Демонстрантите се противат на зголемувањето на даноците во земјата која веќе се соочува со криза на трошоците за живот, а многумина бараат оставка од претседателот Вилијам Руто.

Руто во средата рече дека го повлекува предлог-буџетот за 2024/25 година, откако судирите резултираа со бројни смртни случаи. Според официјалното тело за заштита на човековите права (КНХРЦ), во протестите загинале најмалку 22 лица. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан