• понеделник, 04 ноември 2024

РСЕ: Обвинението за геноцид против поранешната претседателка ја поларизира Боливија

РСЕ: Обвинението за геноцид против поранешната претседателка ја поларизира Боливија
Прага, 25 август 2021 (МИА) - Судењето против поранешната конзервативна боливиска лидерка Жанин Анез, која е обвинета за „геноцид“ поради смртта на демонстрантите во судирот со полицијата по оставката на поранешниот претседател Ево Моралес, ја одразува длабоката поларизација во Боливија, но исто така го тестира правосудниот систем на политички нестабилната јужноамериканска земја, ја пренесува Радио Слободна Европа (РСЕ) проценката на светските медиуми.
Поранешната лидерка на Боливија се обиде да си го одземе животот во затвор, каде што се наоѓа поради смртта на 22 демонстранти додека беше на власт, пишува „Тајмс“.
Обидот за самоубиство се случи во саботата, 21 август, ден откако обвинителите ја обвинија 54-годишната Анез за „геноцид“ поради смртта на демонстрантите, како дел од истрагите за злоупотреби извршени од безбедносните сили откако таа ја презеде претседателската функција во октомври 2019 година.
Анез, поранешна сенаторка, беше уапсена во март под обвинение дека била дел од државниот удар за соборување на Моралес. Според „Тајмс“, таа ги негира обвинувањата и тврди дека нејзиното апсење е злоупотреба и политички прогон.
Конзервативната Анез дојде на власт во ноември 2019 година, откако нејзиниот претходник и ривал, поранешниот претседател Ево Моралес, поднесе оставка по неколкунеделните протести поради неговиот контроверзен реизбор за четврти мандат. Тој избега од земјата по изборната истрага спроведена од Организацијата на американски држави (ОАС), која откри докази за измама.
По изборите, најмалку 37 лица беа убиени во насилствата меѓу поддржувачите и противниците на Моралес, како и меѓу демонстрантите и безбедносните сили. Поголемиот дел од смртните случаи се случија во судирите меѓу поддржувачите на Моралес и безбедносните сили по бегството на социјалистичкиот лидер.
Обвинувањето против Анез е поврзано со два инцидента во ноември 2019 година, во кои загинаа вкупно 22 лица.
Јавниот обвинител рече дека обвиненијата се „привремено класифицирани како геноцид, предизвикувајќи повеќе или помалку сериозни повреди и повреди што следеа по смртта“.
Боливиската опозиција тврди дека не постои поделба на власта во земјата и дека судовите, електоратот и јавното обвинителство се лојални на левичарскиот претседател Арс, кој е член на Движењето за социјализам на Моралес.
По оставката на Моралес, Анез ја извршуваше највисоката функција во Парламентот и положи заклетва како привремена претседателка, и покрај недостигот на кворум, бидејќи пратениците од Движењето за социјализам ја бојкотираа седницата.
Во извештајот се наведуваат и примери за прекумерна полициска сила, вклучително и употреба на смртоносна муниција, за да се потиснат невооружените приврзаници на Моралес.
Судењето за геноцид врз Анез го става на тест боливискиот правосуден систем, пишува „Вашингтон пост“, посочувајќи дека конзервативната лидерка стана симбол на подлабоката поларизација во Боливија.
За некои, таа е жртва на одмазднички, политички мотивиран правосуден систем под нејзиниот социјалистички наследник, претседателот Арс, додека за други, таа е узурпатор кој изврши удар кој го собори долгогодишниот претседател Моралес. паг/
   

Остани поврзан