• недела, 05 мај 2024

Премиера на театарскиот перформанс „Лилит" во Центар-Јадро

Премиера на театарскиот перформанс „Лилит

Скопје, 4 декември 2023 (МИА) - Во Културно-социјален простор Центар-Јадро во Скопје вечер ќе се одржи премиерната изведба на театарскиот перформанс „Лилит".

„Лилит“ е првата фаза од театарското истражување насловено „Notebook of Silence“. Станува збор за соработка помеѓу актерката Јасмина Билаловиќ, композиторот Алесандро Ола од Италија/Шпанија и драматургот Јелена Вуксановиќ од Србија.

Проектот е замислен во различни фази кои оживуваат, во различни контексти, простори и кои вклучуваат различни соработници низ целиот тек на истражувањето. Првата фаза од реализацијата е базирана на текстот на Ришард Ниечим и неговото повеќедецениско искуство на соработка со неговиот некогашен учител Гротовски.

Актерката Јасмина Билаловиќ го заснова своето истражување на нејзиниот повеќегодишнен тренинг со Ришард Ниечим, базиран на звучење (Sounding). Звучење (Sounding) е наутички термин кој се користи за истражување на длабочините на сликите во јазикот и човечкото тело, во движење и одмор; поконкретно, „sounding“ значи да се прозвучат длабочините на сликите во енергетските центри на човечкото тело и да се истражуваат архетипските длабочини на мистериозното несвесно.

Драмскиот текст е искористен на минималистички начин, каде ликот на Лилит се користи како основа за градење на архетипот на женска фигура отфрлена од општеството поради тоа што ги одбива и преиспитува традиционалните, конзервативни вредности.

Носител на проектот е Здружение на уметници Културен центар „Медиа артес“

-Таа е заробена во вечен простор, сè уште верна на својата бескрајно бунтовна природа, но на моменти обремента од судовите на светот. Ние набљудуваме и сме сведоци на различните фази кои водат до нејзиното прифаќање на себе си во тоталитет, без да се стишува или да се моделира според она што се очекува од неа. Таа на крај го прифаќа тоа што е, а со тоа се прифаќаа себе си и конечно може да ја напушти старата, зададена, улога, ослободена од товарот на срам и вина, соопштија од здружението.

Проектот е поддржан од Министерство за култура на Република Северна Македонија и Амбасадата на Швајцарија.бт/аа/

Фото/ Центар-Јадро 

Остани поврзан