Повик за учество на млади поети на „Отскочна даска #3“ во рамките на Скопски поетски фестивал
- Во рамките на Скопскиот поетски фестивал, чиешто четврто издание ќе се одржи од 29 мај до 1 јуни, и годинава ќе се организира преднастанот „Отскочна даска“ ‒ поетско читање за млади поети и поетеси.
Скопје, 30 април 2024 (МИА) - Во рамките на Скопскиот поетски фестивал, чиешто четврто издание ќе се одржи од 29 мај до 1 јуни, и годинава ќе се организира преднастанот „Отскочна даска“ ‒ поетско читање за млади поети и поетеси.
Како што соопштија организаторите од фестивалот, заинтересираните учесници треба да се на возраст од 16 до 25 години и да испратат куса биографија, фотографија со висока резолуција и две свои песни во Word на мејлот contact@spf.mk најдоцна до 13-ти мај.
‒ Продолжуваме со поддршката за младите поети, за тие што можеби веќе се појавиле со по некоја песна во книжевно списание, ја објавиле својата прва стихозбирка или настапиле на некое поетско читање, но и за тие што можеби и не направиле ништо од сето тоа досега, давајќи им шанса да бидат прочитани, видени и слушнати на настан подготвен само за нив! Како и минатите години, така и оваа, врз основа на испратените песни ние ќе ги избереме учесниците на „Отскочна даска #3“, а тие меѓу себе ќе го одберат најдобриот, односно, ќе изгласаат кој млад поет или поетеса ќе отскокне до официјалното отворање на четвртото издание на СПФ и ќе чита како претставник на најмладата генерација заедно со другите повозрасни и етаблирани поети, соопштија од фестивалот.
Имињата на одбраните поети ќе бидат објавени на 20 мај на фејсбук и на инстаграм страниците на фестивалот, а настанот ќе се одржи во кафе-книжарницата „Буква“ на 29 мај, со почеток од 20 часот. Одбраниот млад поет/поетеса ќе чита и на официјалното отворање на СПФ во МКЦ на 30 мај.
Фестивалот е финансиски поддржан од Министерството за култура, а негови помагатели се Младинскиот културен центар – Скопје, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје и кафе-книжарница „Буква“.бт/дма/
Фото: Скопски поетски фестивал