• понеделник, 23 декември 2024

Македонски филмови во мајската програма на Кинотека со фокус на творештвото на Столе Попов

Македонски филмови во мајската програма на Кинотека со фокус на творештвото на Столе Попов

Скопје, 1 мај 2024 (МИА) - На програмата на Кинотеката во мај ќе има проекции на македонски филмови, а фокусот ќе биде на филмското творештво на режисерот,  сценарист и продуцент Столе Попов (1950) кому оваа година му е доделена  кинотечна награда „Златен објектив“. 

-Автор кој во голема мера ја задолжи националната кинематографија – како со својот наградуван филмски опус, така и со својот педагошки и менаџерски ангажман на полето на седмата уметност и филмското образование, соопшти Кинотеката.

Ќе бидат прикажани неговите документарни филмови „Оган“, „Дае“, „Австралија, Австралија“ и играните „Црвениот коњ“, „Среќна Нова ’49“, „Тетовирање“, „Џипси меџик“, „До Балчак“.

Покрај филмови од Попов, мајската програма на Кинотеката ќе прикаже и ретроспектива на кратки македонски филмови на режисерите  Кочо Недков, Дарко Марковиќ и Елеонора Венинова, новиот документарен филм на Игор Иванов - „Време на бетон“. Исто така и „Буре барут“ на Дејан Дуковски во режија на Горан Паскаљевиќ, како и документарецот „Скопје 63“ на Вељко Булајиќ. 

-На менито на Кинотека месецов се наоѓа и промоцијата на новиот филм потпишан од францускиот кинопровокатор Франсоа Озон - „Питер фон Кант“.  Се работи за еден интересен, постмодерен осврт и своевиден римејк на делата потпишани и креирани од легендата на германскиот нов бран, Рајнер Вернер Фасбиндер, соопшти Кинотеката.

Во рамки на програмата за овој месец, од 13 до 18 мај во Кинотеката ќе биде организирана и Недела на италијанскиот филм. хс/са/

Фото: МИА архива / Кинотека на РСМ 

 

 

Остани поврзан