• недела, 18 август 2024

По продолжувањето на притворот на Тачи и Весели во Хаг, Муслиу: Време е пак да ги наполниме европските плоштади

По продолжувањето на притворот на Тачи и Весели во Хаг, Муслиу: Време е пак да ги наполниме европските плоштади

Приштина, 17 август 2024 (МИА) – Пратеничката на најголемата опозициска партија во косовското Собрание, Демократската партија на Косово (ПДК), Ганимете Муслиу, откако Специјализираните комори за Косово во Хаг вчера ја продолжија мерката притвор на поранешниот косовски претседател, Хашим Тачи и поранешниот собраниски спикер, Кадри Весели, повика на протести на Албанците низ Европа, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на нејината страница на Фејсбук, Муслиу ги нарече Специјализираните комори „Политизирани комори на Косово во Хаг“, додека одлуката против поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) ја оцени како „тежок и неприфатлив чекор“.

-Дојде време косовските Албанци повторно да ги полнат плоштадите во Европа за да бараат правда и да ја бранат ослободителната војна, напиша Муслиу, која во војната беше припадничка на ОВК.

Во вчерашното образложение на Специјалното обвинителство во Хаг, се наведува дека судскиот совет констатирал оти и натаму нема информации кои ги оправдуваат наводите дека Тачи и Весели можат да побегнат доколку бидат ослободени, но дека постои ризик дека тие ќе ги попречуваат процедурите на специјализираните комори и можат да извршат други кривични дела против оние кои се сметаат за противници на ОВК и сведоците.

Поранешните челници на ОВК се веќе четири години во притвор во Хаг, каде што им се суди за командна одговорност за наводни злосторства врз цивили од разни националности во војната од 1998-99 година во Косово. иа/

Остани поврзан