• понеделник, 04 ноември 2024

Петнаесет години од потонувањето на „Илинден“ на Охридското Езеро

Петнаесет години од потонувањето на „Илинден“ на Охридското Езеро

Охрид, 4 септември 2024 (МИА) – Утре навршуваат 15 години од трагедијата на Охридското Езеро кога при потонувањето на бродот „Илинден“ животот го загубија 15 лица, туристи од соседна Бугарија.

Несреќата се случи на 5 септември 2009 година во 10:30 часот, кога потона бродот „Илинден“ што со 57 патници сообраќаше на релација од Охрид за Свети Наум. Тоа саботно утро времето беше исклучително топло, езерото мирно, ништо не навестуваше дека ќе се случи најголемата бродска несреќа во историјата на пловидбата на Охридското Езеро. „Илинден“ се преврте и потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“.

Осум од жртвите беа жители на општина Антон, четворица од општина Пирдоп и по еден од општините Златица, Мирково и Рибарица.

Две седмици по потонувањето, бродот „Илинден“ на 19 септември беше извлечен на површината на Охридското Езеро. Истиот ден бродот беше одвлечен до каналот Студенчишта, каде по спроведената истрага за неговата техничка исправност се наоѓа и денеска, како нем сведок на трагедијата што однесе 15 човечки животи. аб/са/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан