• четврток, 02 јануари 2025

Заврши реконструкцијата на една од зградите во средношколскиот центар „Моша Пијаде“ во Тетово

Заврши реконструкцијата на една од зградите во средношколскиот центар „Моша Пијаде“ во Тетово

Тетово, 30 декември 2024 (МИА) - Министерката за образование и наука Весна Јаневска го посети Регионалниот центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“ во Тетово, каде е завршена реконструкцијата на една од четирите згради, со што дел од учениците во второто полугодие наместо онлајн ќе имаат можност за настава со физичко присуство.  Реконструиран е најстариот училишен објект во центарот, каде настава ќе следат 400 од вкупно 700 ученици од прва, трета и четврта година.

-Од она што го видов во однос на реконструкцијата, можам да кажам дека сум сосема задоволна. И се надевам дека со иста брзина и со ист квалитет ќе бидат завршени и другите згради. Ќе бидат вложени околу 4 000 000 евра во овој регионален центар кој ќе обучува ученици, ќе подготвува кадар во соработка со бизнис заедницата за пазарот на труд. Сметам дека ова е голем успех за училиштето затоа што физичкото присуство ќе им обезбеди сериозна погодност во понатамошното учење, изјави министерката Јаневска.

Таа очекуваа во иднина да се проширува овој Центар и да надмине над 1200 ученици во иднина.

Димитрија Апостоловски, директор на Регионалниот центар, вели дека во нивното училиште се опфатени сите технички струки.

-Денеска е голем ден за нас, бидејќи второ полугодие ќе го започнеме делумно со физичко присуство за учениците, бидејќи од 1 септември целосно започна реконструкцијата и рехабилитацијата на нашето училиште училиште, со тоа што се опфатени четири објекти. За неполни пет месеци е прилагоден објектот којшто вклучува 17 универзални училници и шест специјализирани училници учениците од прва, трета и четврта година ќе можат да започнат со физичко присуство во нашиот регионален центар, каде што комплетно создадени сите услови за нормално одвивање на наставата, истакна Апостоловски.

Средствата за реконструкција се обезбедени од Европската Унија, а министерката Јаневска рече покрај петте досега формирани регионални центри за стручно образование и обука во земјава и за две други училишта веќе се донесени одлуки за трансформирање во такви установи. ас/дма/

Фото: МИА 

Остани поврзан