• недела, 27 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

„Охрид SOS“: Поранешните и сегашните власти дозволуваат изградба на хотел во Горица на сметка на светското наследство

„Охрид SOS“: Поранешните и сегашните власти дозволуваат изградба на хотел во Горица на сметка на светското наследство

Охрид, 31 март 2025 (МИА) – Активистите на Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ посочуваат дека властите во државата, и поранешните и актуелните, дозволуваат изградба на хотел на брегот на Охридското Езеро, спротивно одредбите содржани во законски обврзувачка Конвенција на УНЕСКО.

Во реакцијата лиферувана до медиумите од „Охрид SOS“ се потсетува дека во извештајот на Реактивната мониторинг мисија (РММ) на УНЕСКО која престојуваше во Охрид минатиот март се истакнува дека е регистрирано уште едно градилиште, на пошумениот рид Горица, каде се гради во област што порано беше пошумена, но во која прогресивно се градеа туристички капацитети.

- „Центарот за светско наследство не беше известен за изградбата на овој нов комплекс пред да се донесе одлука за негова изградба, како што налага став 172 од Оперативните насоки“, стои во Извештајот на УНЕСКО. Притоа, експертите констатираат дека по усвојувањето на Планот за управување со светското природно и културно наследство на охридскиот регион, градежните активности во Охрид продолжуваат уште поенергично, дури и во области каде што урбанизацијата не смееше да продолжи, како на пример на ридот Горица.

Мисијата поради тоа побарала информации и постоечката проектна документација, вклучително и извршената проценка на влијанието, да бидат доставени до Центарот за светско наследство со цел да бидат анализирани од страна на советодавните тела.

Активистите на „Охрид SOS“ во април минатата година во извештајот до Центарот за светско наследство и советодавните тела, доставиле подетални информации за односниот хотелски комплекс.

Во јуни минатата година на годишната седница на Комитетот за светско наследство беше донесена Одлука во која се бара од властите да запре изградбата објекти во близина на Студенчишко Блато и Горица Север и Горица 3, сè додека не се направи стратегиска оцена за влијанието врз животната средина и оцена на влијанието врз наследството за секој од проектите.

Со тоа, од „Охрид SOS“ истакнуваат дека државата постапува Центарот за светско наследство, експертските тела на ИУЦН и ИКОМОС и Комитетот за светско наследство на УНЕСКО.

„Бидејќи во оваа небиднина, поважно е да се наполни својот и џебот на Мијалков, Илоски, Усеини... (дополнете согласно наоѓање), одошто да се зачува 1,5 милиони години старо езеро“, стои во реакцијата на „Охрид SOS“. аб/мд/

Фото:„Охрид SOS“

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан