„Охрид SOS“: Општина Охрид и државата имаат обврска ГУП и ДУП-овите за градот да ги носат согласно препораките на УНЕСКО
- Активистите на „Охрид SOS“ во писмото лиферувано до медиумите постауваат прашања како е можно со ДУП од 2008, но и од 2023 година на местото на здравствената установа да бидат вцртани огромни станбени објекти, како и кој го отуѓил државното земјиште на кое се наоѓа здравствениот комплекс за приватна инвестиција.

Охрид, 14 април 2025 (МИА) – Активистите на Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ реагираат на тврдењата на Општина Охрид, дека истата нема ингеренции врз плановите за идниот изглед на Здравствениот дом „Маларична“ и објектот на детскта градинка „Јасна Ристеска“ во центарот на градот.
Од „Охрид SOS“ посочуваат дека тврдењата изнесени од Општина Охрид дека од моментот кога е донесен Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, сите постоечки урбанистички планови и целокупното урбанистичко планирање во Охрид се усогласуваат со овој план и препораките од УНЕСКО, како и дека уште на сам почеток е процедурата на носење нов Детален урбанистички план за тој опфат од градот, така што се уште не можат однапред да дадат прецизни податоци за видот или изгледот на објектите кои ќе бидат дел од планот.
Активистите на „Охрид SOS“ во писмото лиферувано до медиумите постауваат прашања како е можно со ДУП од 2008, но и од 2023 година на местото на здравствената установа да бидат вцртани огромни станбени објекти, како и кој го отуѓил државното земјиште на кое се наоѓа здравствениот комплекс за приватна инвестиција.
Според нив, апсолутна невистина е дека „од моментот кога е донесен Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, сите постоечки урбанистички планови и целокупното урбанистичко планирање во Охрид се усогласуваат со овој план и препораките од УНЕСКО“.
„Општина Охрид постапува незаконски со тоа што за овој ДУП нема обезбедено позитивно мислење од Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион што е обврска согласно член 17 од Закон за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион и кое мислење треба да биде составен дел на СОЖС. Предметниот ДУП се носи согласно Генералниот урбанистички план за Град Охрид за 2002-2012 кој веќе е застарен и најважно, не е усогласен со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020 – 2029) што државата (и општина Охрид како имател на доброто и носител на урбанистичките планови), имаат обврска да го направат согласно препораките на УНЕСКО“, посочуваат од „Охрид SOS“.
Истовремено се потсетува дека Планот за управување не се почитува со максимално искористување на дозволена катност и процент на изграденост, а дополнително, урбанизацијата со тој ДУП е директно на штета на автентичноста и интегритетот на културното наследство.
„Планот за управување ‘забранува окрупнување, односно создавање вештачка комбинација на неколку парцели за да се изгради голема градба’, а со предлог-ДУП за ‘Маларична’, се врши спојување на дури 14 катастарски парцели во една градежна парцела, со цел оформување на огромен станбен објект“, пишуваат од „Охрид SOS“ во реакцијата и нагласуваат на одредбите од Планот за управување според кои новите градби во втората и третата урбана зона (каде се наоѓа предметниот опфат) „треба да исполнат специфични аспекти со кои ќе бидат испочитувани културните вредности и традиции на историската област, како и условите на постојните структури.“
Со таквото однесување на надлежните во Општина Охрид, укажуваат од „Охрид SOS“, јасно е дека апсолутно е игнорира Планот за управување со природното и културно наследство на Охридскиот Регион (2020–2029).
Со објавување на впишаните објекти на посочените парцели од „Охрид SOS“ посочуваат дека со ДУП од 2023 година, за разлика од планот изготвен во 2008 година, освен станбениот објект што сега е зголемен во обем, се изменети и катастарските парцели на основното училиште и градинката, а вцртани се нови објекти на местото на старата училишна зграда и објектот на детската градинка, што се објекти кои припаѓаат на македонското модерно архитектонско наследство.
Дополнително, од „Охрид SOS“ реагираат и на процедурата на донесување нов Детален урбанистички план за односниот опфат, со забелешка дека има недоследности во изготвувањето на Стратегиската оценка за влијанието врз животната средина.
„Ваквото однесување на Општина Охрид и градоначалникот е спротивно на основните начела на добро управување и административната практика и создава сомнеж за обид за злоупотреба на постапката. Затоа, потсетуваме и бараме, транспарентна постапка, зачувување на охридската архитектура од различни периоди на дваесеттиот век, почитување на интегритетот на централното подрачје на Охрид и следење на законите и со закон обврзувачката Конвенција за светско наследство“, посочуваат од „Охрид SOS“. аб/са/
фото/„Охрид SOS“