• среда, 03 јули 2024

Овации од 20 минути за Руди Фернандез на неговото збогување со Реал Мадрид

Овации од 20 минути за Руди Фернандез на неговото збогување со Реал Мадрид

Мадрид, 11 јуни 2024 (МИА) - Кошаркарите на Реал Мадрид ја совладаа Мурсија во вториот финален натпревар од плејофот на АЦБ лигата (водат со 2:0), но дуелот се одигра во знакот на Руди Фернандез, кој официјално се прости пред своите навивачи во „ВиЗинк Арената“. И со стил - постигна 14 поени, од кои четири тројки.

Тренерот Ќус Матео го замени Руди со Серхио Љуљ на минута и пол пред крајот, а од тој момент од трибините 20 минути одекнуваа аплаузи и овации во чест на 39-годишниот ас кој најави заминување на крајот од сезона на неговиот роденден на 4 април.

Навивачите на Реал не се сеќаваат дека некогаш некому му оддале ваква почит за се што направил за клубот. Со крпа и солзи во очите одличниот играч доби подароци и од клубот и од навивачките групи. Дури и неговите деца излегоа на терен за историското збогување.

-Ова не завршува тука. Остана уште најмалку еден натпревар и многу ја почитуваме Мурсија. Има многу емоции во овој момент. Дадов се за овој клуб, а ова признание за тоа е неверојатно, изјави Фернандез.

Руди Фернандез пристигна во Реал во сезоната 2011/12 за да одигра неколку натпревари поради локаутот во НБА, а следната се врати и остана до денес.

-Тогаш ја донесов најдобрата одлука во кариерата, додаде Руди, заблагодарувајќи им се на сите.

Со Мадрид освои 26 трофеи: три Евролиги, шест титули во АЦБ лигата, седум Копа дел Реј, девет Суперкупа, една Интерконтинентална титула. И очекува 27. трофеј и седма круна да стави крај на блескавата кариера.

Ќе видиме дали ќе одигра уште еден, два или три натпревари пред да се пензионира во следните неколку дена. дс

Фото: Принтскрин

Остани поврзан