ОАЕ вложува во ветерна енергија и најсовремени начини на производство
- Обединетите Арапски Емирати си поставија амбициозни цели околу обновливите извори на енергија. Како дел од планот за енергетска стратегија за 2050 година, ОАЕ има за цел да го зголеми уделот на чиста енергија во вкупното производство на 50 отсто до средината на овој, 21. век.
Абу Даби, 10 октомври 2023 (МИА) - Обединетите Арапски Емирати си поставија амбициозни цели околу обновливите извори на енергија. Како дел од планот за енергетска стратегија за 2050 година, ОАЕ има за цел да го зголеми уделот на чиста енергија во вкупното производство на 50 отсто до средината на овој, 21. век, а тоа го вклучува и придонесот на сончевата светлина и ветерот.
Некои области во земјата богата со нафта, особено долж брегот, имаат поволни услови што ветерот го прави погоден за производство на електрична енергија. Географската поволност овозможува пристап до постојани ветрови, па така, властите имаат намера да го користат тој природен ресурс, т.е. со проект за ветерна енергија од 2.103,5 мегавати. Одговорна е енергетската компанија „ПЈСЦ - Масдар“ од Абу Даби.
Овој проект ќе напојува повеќе од 23.000 домаќинства во ОАЕ годишно и ќе заштеди над 120.000 тони јаглерод-диоксид, што е еднакво на отстранување на 26.000 возила од патиштата годишно.
Поради малата брзина на ветерот во ОАЕ, овој извор на енергија претходно не беше практичен. Но, напредокот во технологијата на обновливите извори на енергија ја направија оваа замисла остварлива. Технологијата стана финансиски исплатлива благодарение на поголемите турбини, намалените хардверски трошоци и на реткиот метеоролошки феномен што произведува силни ветрови навечер.
Ветерната енергија сега може да послужи како своевидна замена или дополнување за сончевата енергија што се собира дење. „Масдар“ има првична цел да постигне 100 гигавати вкупно производство на обновлива енергија до 2030 година, што, според познавачи, е достижно. си/паг/
Фото: МИА архива